ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
КОМОРСКИ ИНВЕСТИЦИСКИ ФОРУМ (КИФ)
20.08.2019 👁 Прочитано: 556

РЕГИОНАЛНА ЕКОНОМСКА СОРАБОТКА – ШТО ОЧЕКУВА БИЗНИСОТ?


Татјана Штерјова
д-р Татјана Штерјова,
Директор на Дирекција на здруженија и регионални комори на
Стопанската
комора на Македонија
Берлинскиот процес започна со цел да се обезбеди реален прогрес во реформските процеси, како и да се зајакне регионалната соработка и да се постават основите за обезбедување на одржлив раст во државите од регионот на Западен Балкан. Од економски аспект, овој процес имаше за цел бизнис заедниците од регионот на Западен Балкан да увидат дека ЕУ не се залага само за интересите на постоечките држави-членки и нивните економии, туку дека европските институции ги гледаат и разбираат економиите на денешните (потенцијални) кандидати, како интегриран дел од ЕУ во блиска иднина, и дека процесот на пристапување на земјите од регионот на Западен Балкан кон ЕУ треба да биде процес на инклузивно проширување, кое треба да обезбеди овие држави да ги согледаат придобивките од европската интеграција уште пред формалното зачленување.

Самитот во Познањ ја донесе најавата за заедничко претседавање со Берлинскиот процес од страна на Бугарија и Северна Македонија
– во усвоените заклучоци се посочи дека  ко-претседавањето со Берлинскиот процес, како платформа за европски дијалог, соработка и поддршка на проширувањето, е важен симбол за поголема сопственост на процесот на земјите од регионот, и дека практиката на заедничко ко-претседавање (земја-членка на ЕУ, заедно со една од земјите од Западен Балкан) ќе продолжи и во иднина.

12-те месеци помеѓу двата последни Самити посветени на Западниот Балкан (Лондон 2018 година и Познањ 2019 година) донесоа неколку придвижувања - на полето на регионалната економска соработка, неколку работи се поместија во позитивна насока од одржувањето на Самитот во Лондон. Од 01 јули веќе и официјално започна примената на спогодбата за намалување на цената на роаминг услугите помеѓу земјите од Западен Балкан, што донесе намалување и 90% за цените; и покрај отворените прашања за спроведувањето на ЦЕФТА договорот, забележлив е прогрес во однос на спроведувањето, односно усогласувањето во однос на дополнителните Протоколи 5 и 6, што треба да придонесе за понатамошно забрзување на протокот на стоките во нивната меѓусебна трговија;  државите од Западен Балкан ги усвоија индивидуалните акциски планови во рамките на Регионалната агенда за реформа во областа на инвестициите (РИРА), што треба да придонесе за олеснување на инвестициите во регионот.

Сепак, останува уште многу да се направи.

Коморскиот инвестициски форум, како асоцијација која го претставува гласот на повеќе од 350.000 компании од регионот, констатираше дека и по две години од усвојувањето на Повеќегодишниот акциски план за спроведување на Регионалната економска област во Трст 2017 година, СЕ УШТЕ недостасува опиплив и реален напредок, кој ќе има влијание на секојдневните бизнис активности на компаниите од регионот. Агендата за регионална соработка треба да биде резултат на заемно признаени интереси на сите засегнати страни во регионот, преку адресирање на приоритетите за економиите на секоја од државите од регионот на Западен Балкан, и нивно поставување во регионален контекст, со цел да се создаде глобално конкурентна економска област.

Затоа, КИФ повикува на консензус во поставувањето на економските интереси и придобивките за граѓаните пред сите краткорочни политички интереси, а заеднички да се работи на НОВ ДОГОВОР за регионот, кој ќе ги вклучува сите аспекти на регионалната соработка и ќе обезбеди примена на сите аспекти на единствениот пазар уште пред формалното зачленување на овие држави во ЕУ, но и воспоставување на Министерства за регионална соработка во Владите на секоја од шесте држави од Западен Балкан, со цел да се обезбеди доследното спроведување на договореното - побрза и поефтина трговија со стоки во регионот, преку редуцирање на сите нетарифни бариери во меѓусебната трговија, подобар и полесен пристап до финансии за МСП во регионот, зголемување на конкурентноста на регионот за привлекување на странски директни инвестиции, спроведување на дигиталната агенда....

Постојано сме повторувале – бизнисот бара брзина. Затоа, заклучоците од годинешниот Самит во Познањ треба да бидат првата одредница за конечното забрзување на овој процес, според барањата на бизнисот. Сите добро знаеме дека компаниите тоа добро ќе знаат да го валоризираат! 

РЕГИОНАЛНА ЕКОНОМСКА СОРАБОТКА – ШТО ОЧЕКУВА БИЗНИСОТ?
РЕГИОНАЛНА ЕКОНОМСКА СОРАБОТКА – ШТО ОЧЕКУВА БИЗНИСОТ?