„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Претседателот Азески беше еден од говорниците на настанот „Конзулски мозаик“ во Охрид

06.05.2025

„Aко сакаме да бидеме позната дестинација за инвестиции мора да ја развиваме и негуваме економската дипломатија и да градиме економска политика и ефикасни услуги“, истакна претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, на настанот „Конзулски мозаик“ што се одржа во Охрид.  

Според Азески, ако државата сака нешто да постигне мора да исполни три работи: да има цел, да има луѓе кои можат да ја спроведат целта и да има пари. Тој потенцираше дека фокусот треба да биде на надворешната трговија на која ќе работаат посветени  луѓе, професионалци кои ја познаваат проблематика и имаат искуство од бизнис секторот, државата да ги стимулира сите оние кои ги регулираат пазарите и да вложува во дипломатите за да може да се подигне нивниот дигнитет.

„Мора да вложуваме во дипломатските претставништва кои ја претставуваат нашата земја, посебно во земјите со кои имаме најголема трговска соработка. Ако ние имаме најголема трговска размена со Германија таму треба имаме најголемо дипломатското претставништво, а ние таму имаме најмало“ изјави Азески. Тој истакна дека трите приоритети на кои ќе работи Комората во наредниот период ќе бидат: извозот, образованието и регионалната соработка.

Во продолжение на своето обраќање, претседателот на Стопанската комора потенцираше дека три работи ќе влијаат на нас во наредниот период, а тоа се трите најважни инвестициски активности: гасификацијата, која е важна и за компаниите и за граѓаните, железничката инфраструктура во Вардарската долина, посебно поврзувањето со Солунското пристаниште и заокружување на инвестициите за дел од обновливите извори на енергија.

Претседателот на Асоцијацијата за странски компании со технолошко напредно производство при Стопанската комора, Виктор Мизо, истакна три работи за привлекување на странските инвеститори: 1. привлекувањето странски инвестиции треба да биде стратегија на државата и не смее да зависи од политичките влади; 2. промоција на државата како туристичка дестинација, промоција на извозот и на трговијата и 3. подготовка на стратегија во кои сектори има дополнителна вредност на услугите и производите за привлекување на странските инвеститори.

 „Привлекувањето на странските инвестиции треба да го прават лица професионалци од областа, а економијата не треба да биде политичка активност“ изјави Мизо.

Според него, почесните конзули треба да им помогнат на нашите компании и да ги поврзат со компаниите од земјите каде што се почесни конзули, но да помогнат и во отворањето нови пазари. Европските пазари се веќе достапни за нас, но треба да се свртиме и кон пазарите во Азија и Африка, како и кон Блискиот Исток.

Говорници на настанот беа и почесниот конзул на Република Србија во Охрид, Михајло Филев и почесниот конзул на Република Турција во Охрид, Абдураман Бајрактар, како и претседателот на Советот на општина Охрид, Перчо Божиновски.

Настанот „Конзулски мозаик“, кој претставува симбол на единство, традиција и уметност и поврзување на почесните конзули на Србија и Турција, својата реализација ја започна во Битола, во  Градот на конзулите, минатата година, а градот Охрид е вториот град по број на отворени конзуларни претставништва во нашата земја. Целта на настанот е поврзување на конзулите со локалните самоуправи и бизнис заедницата.