„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Стопанската комора продолжува со активностите за верификација на компаниите за реализација на практичното образование. Со посетите на работните места во компаниите се проверуваат условите во кои учениците ги стекнуваат практичните знаења и вештини и се подготвуваат за полесно вклучување на пазарот на трудот по завршување на средното образование. Во рамки на активностите за верификација беа посетени компании од секторите здравство и социјална заштита, машинство, како и сообраќај, транспорт и складирање.
Една од компаниите за верификација во кои учениците реализираат практична обука беше „Автосервис Миле Компани“ ДООЕЛ, увоз-извоз, во село Негорци, Гевгелија, специјализиран за поправка на товарни камиони. Во компанијата практична обука реализира Александар Поцков, ученик во втора година, во СОУ „Јосиф Јосифовски Свештарот“.
Александар се запишал за изучување на квалификацијата автомеханичар без да биде сигурен кој професионален пат да го избере. Но практичната обука во автосервисот и работата во реална работна средина, заедно со поддршката од менторот Драган Кириќ, му помогнале постепено да ја открие и да ја засака автомеханичарската професија.
Неговиот ментор, преку обуките за ментори организирани од Стопанска комора, е обучен и сертифициран за менторската работа со ученици.
Со насоките и практичното знаење и искуство што ги добива од менторот, Александар ги развива своите вештини и стекнува поголема сигурност во работата. Денес е еден од најдобрите средношколци кои што практичната настава ја реализираат во компанијата и веќе се гледа во оваа професија во иднина.
Неговиот пример покажува колку се важни практичното искуство и посветениот ментор во откривањето на интересите и професионалниот пат на младите.