„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
11.11.2025
Планот за раст за Западен Балкан, иницијатива поддржана од Европската унија, заедно со Националната Реформска агенда, имаат клучна улога во идниот економски развој на државата. Овие процеси не се само политички или административни процеси – тие се насоки што ќе влијаат на амбиентот во кој ќе работат компаниите и затоа е важно бизнис-заедницата навреме и јасно да ги разбере механизмите и целите на овие иницијативи. Во таа насока во просториите на СКСМ се организираше панел дискусија на која пред членките, дел од раководните структури во Комората, се дискутираше за начинот како овие реформи ќе се одразат врз деловната клима и економскиот напредок на земјата.

Во обраќањето пред присутните, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, посочи дека ова е едно од клучните прашања на кои треба да се посвети сериозно внимание, бидејќи во услови на глобална криза и неизвесност на меѓународно ниво, кога земјите се соочуваат со серија предизвици пред сè од економска природа, треба да се почитува тоа што Европската Унија вложува во земјите од Западен Балкан, им дава правец и поддршка за раст. Затоа ние треба да возвратиме со поддршка на процесите во пристапување кон ЕУ, порача Азески.
На тој пат, едно од најважните прашања е решавањето на корупцијата и сивата економија, што и во реформската агенда е нотирано како значајно. Едно од решенијата со кои може да се постигне напредок на ова поле е дигитализирање на процесите, што пак е процес кој е издвоен во четирите области каде земјата има напредок. И во ова излагање како и многупати претходно, претседателот на Комората порача дека, нам ни недостасува имплементација веќе подолг период наназад. Македонија дополнително во следниот период ќе трпи многу на економски план поради заштитните мерки за увозот на челик во ЕУ, за што согласно Спогодбата за стабилизација и асоцијација се бара одлагање на овие мерки за нашата држава заради очекуваниот економски негативен ефект. Азески порача дека и покрај сите предизвици бизнисот својот пат за развој го гледа како дел од ЕУ семејството каде што е и доминантното извозно ориентирана, акцентирајќи дека прашањата за инфраструктурата и правосудството треба да бидат на врвот на агендата.
Пред присутните се обрати и Викторија Трајков, заменик-министерка за европски прашања, презентирајќи ги ставовите и ЕУ перспективата од институционален аспект, како и Штефен Худолин, шеф на секторот за соработка при Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, кој информираше дека преку планот за раст всушност се работи на поддршка на реформите во државите од Западен Балкан онаму каде има најмногу слабости.

Настанот продолжи со панел дискусија. Во неа Драган Тилев, советник на министерот за европски прашања и член на Кабинетот, ги презентираше клучните елементи на Планот за раст за Западен Балкан и националната Реформска агенда, вклучително чекорите што треба да се реализираат, временската рамка за нивна реализација и финансиската страна целиот процес. Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација, зборуваше за активностите што ги презело министерството во рамки на Реформската агенда, како и проектите и активностите на кои работат во рамки на Планот за раст на Западен Балкан. Министерството за дигитална трансформација досега има постигнато забележителен успех на тој план, а од дигитализацијата која ќе го модернизира бизнис амбиентот корист ќе има и бизнис секторот. Стефан Ристовски, истражувач од Институт за европски политики (ЕПИ) –Скопје даде оценка за нивото на реализација на Планот за раст и реформската агенда во земјите од регионот. Тој посочи дека за сите вклучени земји од регионот има уште многу работа до целосна реализација на предвидените активности и дека динамиката мора да се забрза. Во панел дискусијата учествуваше и Глигор Цветанов, во улога на претседател на Клубот Европа, ова форма на делување во Стопанската комора. Тој ја објасни суштината на овој ново формиран клуб и ја истакна заложбата на Стопанската комора активно да учествува во процесите поврзани со евроинтегративниот процес. Панелот го модерираше Зоран Јовановски од Стопанската комора.
|
Планот за раст за Западен Балкан претставува понуда од Европската Унија за земјите-кандидатки за членство во ЕУ (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија), со цел да се забрза нивниот процес на пристапување, побрза интеграција во Единствениот пазар на ЕУ, а истовремено и зајакнување на регионалната економска соработка. За да се поддржат овие реформи обезбеден е фонд од 6 милијарди евра, од кои 2 милијарди евра се грантови и 4 милијарди евра се концесиски заеми. Предуслов за финансирањето е да се спроведат одредени реформи и да се усогласи националното законодавство со правото на ЕУ. Планот за раст се фокусира на седум стратешки области: слободно движење на стоки, услуги и работна сила; пристап до плаќања во евра; олеснување на патниот транспорт; декарбонизација и интеграција на енергетските пазари; создавање заеднички дигитален пазар; и интеграција во индустриските синџири на снабдување. Планот за раст го опфаќа периодот од 2024 до 2027 година, а доделените средства ќе се распределуваат врз основа на формула што ги зема предвид БДП, големината на населението и други релевантни критериуми. |