„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
25.07.2025
Во просториите на Стопанската комора претседателот Бранко Азески оствари работна средба со Лорд Барон Кристофер Гајт (секретар / главен политички советник на Кралицата Елизабета II, 2007-2017), Џорџ Базби и Рубен Џонсон, сите тројца актуелни директори на непрофитната фондација „ЗАПАДЕН БАЛКАН 30: ЗА ОБЕДИНЕТА, БЕЗБЕДНА И ПРОСПЕРИТЕТНА ЕВРОПА“ („ЗБ30“). На состанокот како преставници на Комората присутни беа и потретседателот на Комората проф. д-р Марјан Бојаџиев, извршниот директор м-р Антони Пешев, Даниела Михајловска Василевска, советник за активностите поврзани со извозот во Кабинетот на претседателот на СКСМ, д-р Татјана Штерјова Душковска, оперативен директор во организационата целина за развој, иновации и знаења и Даниел Матракоски, експерт во Комората.
ЗБ30 ќе изработува извештаи и ќе спроведува активности во поддршка на своите клучни тврдења, ставајќи акцент на потребата од итно делување. Ќе организира и учествува на конференции и настани каде ќе ги претставува своите аргументи.
„ЗБ30“, согласно нивното укажување веќе има добиено првични изрази на поддршка од Атлантскиот совет, Глобсек (GLOBSEC), Карл Билт и лорд Џорџ Робертсон. Поддршка дополнително ќе се бара во текот на летото 2025 година.
Претседателот Азески во разговорите искажа подготверност Комората и бизнисот да дадат поддршка на ваквата идеја, бидејќи како што рече македонското стопанство но и целиот регион има аспирации за влез во ЕУ. Само така може да се реализираат клучните точки на кои Комората става приоритет, а тоа се: градење на систем на образование за потребите на бизнисот, конкретна поддршка за извозот преку директни инструменти и мерки поддржани од државниот буџет и подобрување на регионалната соработка како иницијална основа за забрзување на ЕУ интегративните процеси.
Кристофер Гејт речиси една деценија, од 1992 година, служел во поранешна Југославија во воени и дипломатски улоги – за Обединетото Кралство, ЕУ и ОН. Работел последователно за меѓународната конференција за поранешна Југославија, за сопретседавачот на Дејтонската мировната конференција, за Канцеларијата на Високиот претставник во Сараево и за Специјалниот претставник на Генералниот секретар на ОН за Балканот. Претходно бил ангажиран во Кралскиот институт за одбранбени студии во Лондон, по што станал долгогодишен главен советник на кралицата Елизабета Втора, пратеник во британскиот парламент и претседател на компании и добротворни фондации. Џорџ Базби изучувал српско-хрватски јазик на Лондонскиот универзитет и дипломирал на Универзитетот во Оксфорд, насока Источноевропска економија. Студирал на Универзитетот во Сараево во 1981 година, а од 1987 година работи во британското Министерство за надворешни работи, па во Амбасадата на Обединетото Кралство во Белград, бил и шеф на одделот за Балканот, а по пензионирањето од Министерството за надворешни работи во 2015 година, ја основал Бурсток Лтд., консултантска фирма, заедно со генерал сер Барни Вајт-Спанер, поранешен командант на британската копнена армија и на НАТО силите во Македонија. |
„ЗБ30“ верува дека поддршката од деловната заедница на Западен Балкан ќе претставува моќна потврда за идеите на ЗБ30 и ќе ја промовира потребата од динамичен, заемно корисен економски раст преку постојните граници.