„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Највредното учење доаѓа од бизнисот - од реални проекти, вистински предизвици и искуства што не се учат од учебник. Тоа станува реалност кога претставници од бизнис-заедницата директно им раскажуваат на студентите и средношколците, за искуството кое се стекнува низ работните процеси што е различно од теоријата што се учи низ образовните институции.
Во насока на приближување на двата процеси, и препознавање на стручните училишта и факултетите дека оваа алка во синџирот е многу потребна, на Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, пред студентите беше одржано предавање од страна на директорот на компанијата Раде Кончар ТЕП, м-р Горан Антевски и м-р Дамјан Василевски, вработен во истата компанија, поранешни студенти од истиот факултет. Темата на предавањето беше „Што значи да се гради кариера во инженерството денес“ и пренесување на знаење од „прва рака“ - од реалната економија во образованието.
Пред студентите, преку нивното излагање беше пренесена приказната на Раде Кончар ТЕП - од почетоците до денешниот развој, како компанија која континуирано инвестира во автоматизација, енергетска ефикасност и современи производствени процеси. Посебен акцент беше ставен на тековните проекти, можностите за практикантство и реалните предизвици со кои се соочуваат младите инженери при нивниот влез во индустријата.
Во суштина, оваа директна комуникација значи зајакнување на врската помеѓу академијата и бизнис секторот и поврзување на образованието со реалниот сектор - процес во кој младите не учат само „што да знаат“, туку и „како тоа знаење се применува во пракса“, бидејќи обезбедуваат:
1. увид во тоа како навистина функционираат компаниите, надвор од теоретските рамки;
2. разбирање на тековните трендови, технологии и вештини што се бараат на пазарот на труд;
3. запознавање со реални кариерни патеки, предизвици и можности за развој;
4. градење свест за очекувањата на работодавачите и потребните компетенции;
5. поттикнување мотивација и појасна ориентација кај младите при избор на професија.
Ваквиот концепт треба да биде поддржан и применет во повеќе образовни и студиски програми, за да можеме да ја оставариме целта, а се креира кадар по мерка на бизнисот.