„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од деловен предизвик до AI решение: Македонските компании дел од меѓународниот BIZHACK AI ХАКАТОН

27.11.2026

| Новости

Примената на вештачката интелигенција како интегрален дел од деловните процеси сè повеќе станува реалност и важен предуслов за конкурентноста и одржливиот развој на компаниите. Во таа насока, концептот „Комора на иднината“ на Стопанската комора на Северна Македонија е насочен кон поддршка на компаниите во прифаќањето и примената на новите технологии, дигитализацијата и автоматизацијата на процесите, со крајна цел зголемување на продуктивноста и поефикасно користење на расположливите ресурси.

Како дел од овие стратешки определби, четири македонски компании – Нептун Македонија ДОО Скопје, Кајак Агенција ДООЕЛ Скопје, Дивајс Секјурити ДООЕЛ Скопје и Кееп ИТ Симпле ДООЕЛ Тетово – учествуваа во меѓународната иницијатива BizHack AI Marketing Hackathon, која се одржа од 24 до 26 ноември 2026 година во Будимпешта, Унгарија. Целта на хакатонот беше да ја поттикне практичната примена на вештачката интелигенција во работењето на малите и средните претпријатија, преку развој на конкретни решенија за реални деловни предизвици.

Хакатонот обедини претставници од седум земји – Северна Македонија, Унгарија, Чешка, Полска, Словачка, Србија и Црна Гора, кои преку меѓународна соработка, експертска поддршка и практична работа развиваа иновативни решенија базирани на вештачка интелигенција. Во фокусот на тридневната програма беа конкретни маркетинг-предизвици со кои се соочуваат компаниите, меѓу кои унапредување на комуникацијата со клиентите, автоматизација на продажните и маркетинг-процесите, анализа на кампањи, генерирање потенцијални клиенти и подобрување на деловното известување.

Преку формирање меѓународни тимови, составени од три до четири учесници, компаниите имаа можност своите деловни предизвици да ги претворат во функционални прототипи базирани на вештачка интелигенција. Особено значајно е што два од вкупно десетте селектирани деловни предизвици произлегоа од македонските компании учеснички.

Предизвикот на Кајак се однесуваше на автоматизација и унапредување на процесот на пронаоѓање, вклучување и квалификување мали локални производители за потребите на хотелите и рестораните. Целта е да се надминат ограничувањата на досегашниот начин на рачна комуникација и да се овозможи поефикасно и скалабилно поврзување на локалната понуда со угостителскиот сектор.

Од друга страна, предизвикот на Нептун се однесуваше на автоматизација на процесот на прибирање, обработка и обединување на извештаите за огласување од различни дигитални платформи, како Meta, Google и Spotify. Со развојот на соодветно решение се очекува значително да се намали времето потребно за рачна обработка и обединување на податоците, за што компанијата моментално издвојува околу еден работен ден неделно.

Во процесот на развој на решенијата, учесниците добија поддршка од меѓународни ментори и експерти, како и можност за користење на достапни low-code и no-code алатки за развој на решенија со вештачка интелигенција, без потреба од претходни програмерски или напредни технички познавања. На овој начин, хакатонот овозможи директно поврзување на реалните потреби на компаниите со технолошките можности и експертското знаење.

Стопанската комора на Северна Македонија, како партнер во конзорциумот на BizHack AI, активно придонесува кон поврзувањето на домашниот бизнис-сектор со регионалните иницијативи за дигитализација, иновации и воведување напредни технологии. Проектот е насочен кон зајакнување на дигиталните капацитети на компаниите и унапредување на нивната конкурентност преку развој на практични и применливи решенија со вештачка интелигенција. Се реализира со поддршка на Меѓународниот вишеградски фонд, преку грант за регионална соработка во Централна Европа и Западен Балкан.

Учеството во BizHack AI претставува конкретна активност во рамките на пошироките стратешки определби на Стопанската комора на Северна Македонија, насочени кон реализација на концептот „Комора на иднината“ – современа, модерна и проактивна институција, целосно ориентирана кон потребите на компаниите и предизвиците на новото деловно опкружување. Во центарот на овој концепт е трансформацијата на Комората во силен и доверлив партнер на бизнис-заедницата, кој не само што ги артикулира потребите на компаниите, туку активно иницира и поддржува процеси за нивен развој, технолошка модернизација и зголемување на конкурентноста. Паралелно со хакатонот во Будимпешта се одржа и MeOut Самит, меѓународен самит за стартапи, иновации и претприемништво, кој ги обединува основачите на стартапи, инвеститорите, бизнис-лидерите и креаторите на политики со цел размена на знаења, воспоставување нови партнерства и зајакнување на иновацискиот екосистем и конкурентноста на Европа, на кој исто така имаа можност да учествуваат македонските компании и да се вмрежат со потенцијални партнери од Европа.

Во таа насока, дигитализацијата, примената на вештачката интелигенција, иновациите, развојот на знаењата и усвојувањето напредни технологии се меѓу значајните приоритети на коморското делување. Преку иницијативи како BizHack AI, како и преку активностите на Европскиот дигитален иновациски хаб ДИГИТМАК и Европската претприемачка мрежа – ЕЕН, Стопанската комора работи на поврзување на потребите на компаниите со експертското знаење, новите технологии и меѓународните искуства, создавајќи конкретни можности за нивна дигитална трансформација, зголемување на продуктивноста и успешно позиционирање на меѓународните пазари.