„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Во најновото издание на поткастот „Бизнис-клубплус“гостин на претседателот на Стопанската комора Бранко Азески е Драган Бокан, претседател на Одборот на директори на „Воли трејд“, еден од највлијателните бизнис-лидер во Црна Гора. Со повеќе од 30 години искуство во бизнисот, Бокан споделува вредни информации за развојот на семејниот бизнис, како и за стратегиите за раст, иновации и за одржливост на компанијата.
Според Бокан, секој што влегува во бизнисот има одредена визија или сака да заработи. Луѓето започнуваат бизнис во областа која ја чувствуваат како најблиска или во која имаат најголемо искуство.
Својата професионална кариера ја започнал во компанијата „Приморка“ АД, а во 1995 година со сопствени средства ја основал компанијата „Воли трејд“. Компанијата започнала со еден објект, шест вработени и со минимален промет и профит, а со текот на времето прераснала во водечка трговска компанија за малопродажба и за големопродажба во Црна Гора, со најголем приход во приватниот сектор и со околу 2.500 вработени.
„Бизнисот го започнав од егзистенцијални причини, но потоа кај мене се разви чувството за дополнителни вредности, чувството дека можам повеќе и подобро. Така ’Воли трејд’ стана најдобрата компанија во Црна Гора според квалитетот и според брзината на испораката“ и додава: „Никогаш не размислував колкав профит ќе имам, туку да го подигнам квалитетот на компанијата“, вели Бокан.
Во 2011 година ја основал и компанијата „Воли моторс“, овластен продавач на возилата BMW, Mini и Motorrad, со модерен продажно-сервисен центар.
Зборувајќи за иднината, Бокан нагласува дека од голема важност му е неговите деца да го продолжат она што е започнато, да се едуцираат и да се здобијат со работни навики на реално место и со реални бизнис-искуства комуницирајќи со вистинските луѓе, а тоа ќе придонесе и за нивниот професионалниот развој, како и за развојот на бизнисот.
Покрај деловниот ангажман, Бокан е активен и во јавниот и во професионалниот живот. Член е на Управниот одбор на Стопанската комора на Црна Гора, како и на Бизнис-советот на Економскиот факултет при Универзитетот на Црна Гора. Од 2011 година е претседател на кошаркарскиот клуб „Будуќност Воли“, а од јули 2025 година ја извршува функцијата претседател на Кошаркарскиот сојуз на Црна Гора.
Како еден од иницијаторите за формирање на Јадранската кошаркарска асоцијација – Adriatic Basketball Association (ABA-лига), Бокан бил претседател и член на Претседателството на Лигата, а и денес е активен член на нејзиното раководство.
Меѓу големиот број признанија што ги има добиено како најзначајни ги издвојува Најдобар менаџер во Југоисточна и Централна Европа и Менаџер на годината во Црна Гора. Во јавноста е познат по големиот број иницијативи во областа на бизнис-иновациите, корпоративната општествена одговорност и придонесот за развој на црногорската економија.