„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Порака од претседателот

АТА КАРНЕТ - ДИГИТАЛНАТА ТРАНСФОРМАЦИЈА КАКО МОСТ КОН КОНКУРЕНТНА ЕКОНОМИЈА

01.09.2025

  

Во светот каде дигитализацијата станува синоним за ефикасност и побрзи административни процеси, секоја економија што сака да напредува мора храбро да чекори во истата. Модерните технологии веќе не се прашање на избор, туку предуслов за развој.

Денес е важно заедно (институциите и бизнисот), да го трасираме патот кон дигиталната трансформација на инструментите што ја олеснуваат меѓународната трговија, како што се АТА карнетите. Царината има клучна улога во овој процес и затоа е неопходно активно да се вклучи во неговото спроведување, во соработка со Стопанската комора на Северна Македонија како единствена национална гарантна асоцијација. Како неизбежен дел од меѓународната трговија, царината е природен носител на овој процес и нејзиното активно учество е од суштинско значење.

Нарекуван „пасош за стоки“, АТА карнетот е меѓународен царински документ кој овозможува побрзо завршување на царинските постапки кај привремениот извоз и увоз без плаќање даноци и царини во над 80 земји и царински територии. Овој документ покажува како блиската соработка меѓу бизнисот и царината може да го направи меѓународното тргување поефикасно.

Истиот може да го користат компании и физички лица, овозможувајќи им да учествуваат на меѓународни саеми, конференции и други настани.

Меѓународната трговска комора (ICC) и Светската царинска организација (WCO) ја истакнаа потребата од модернизација на АТА системот и нагласија дека дигиталните карнети ќе станат нов глобален стандард. Пилот проектите во одредени земји покажаа значајни придобивки: побрза обработка на податоците, намалување на грешките, зголемена транспарентност и поефикасни процеси за корисниците.

Северна Македонија мора веднаш да започне со приклучување во фазата на подготовка, тргнувајќи од фактот дека согласно предвидувањата на Меѓународната трговска комора од 2026 дo 2027 година одредени земји ќе преминат од хартиени кон дигитални АТА карнети, а од 2028 година хартиените карнети ќе останат во минатото.

Секое одложување за влез во оваа фаза значи губење време и можности за компаниите и физичките лица како и наш технолошки застој.

Дигиталните АТА карнети ќе овозможат побрзо и поефикасно управување со привремениот увоз и извоз на стоки, со помалку административни пречки и поголема транспарентност.

Оваа трансформација не е само техничко прашање. Таа бара координација меѓу институциите и бизнисот, систематски пристап и планирање.

Со вистински чекори, Северна Македонија ќе обезбеди поедноставени царински процеси и поголема сигурност за корисниците на АТА карнетите.

Дигитализацијата на АТА карнетите е неопходен чекор кон модернизација на трговските процедури. Тие ја олеснуваат трговијата, ја намалуваат бирократијата и овозможуваат компании и физички лица да работат со поголема предвидливост и транспарентност на меѓународните пазари. Дигиталните карнети не е само техничка модернизација, туку практична одлука која ја поедноставува трговијата и ја подобрува услугата за сите корисници.