„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
30.06.2025
Лидл Северна Македонија, во соработка со Стопанската комора на Северна Македонија, Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) и „Макфреш“, на 27 јуни во просотриите на Стопанската комора организираше конференција на којашто беа презентирани GLOBALG.A.P и GRASP сандардите за сертификација на локалното производство на овошје и зеленчук.
Во своето поздравно обраќање, Милена Драгијска-Денчева, извршен претставник на Лидл, истакна дека Лидл постојано работи кон унапредување на критериумите за побезбедна, поздрава и поквалитетна храна со цел задоволување на барањата и потребите на потрошувачите, кои посотојано растат. Таа додаде дека преку соработката со Лидл и македонските компании добиваат можности за сертификација на своите производи со GLOBALG.A.P и GRASP стандардите, а со тоа и можност успешно да ги пласираат своите производи на европските пазари.
На настанот беше истакнато дека иако Лидл сè уште не ги отворил своите маркети во земјава, влијанието врз локалната економија е веќе мерливо, за што говори и податокот дека само во 2024 година, повеќе од 5.500 палети сертифицирано македонско овошје и зеленчук биле извезени преку европската мрежа на Лидл. Овој извонреден резултат докажува дека македонските производители имаат капацитет да ги исполнат строгите меѓународни стандарди како што се GLOBALG.A.P. и GRASP.
Јан-Аксел Фос, заменик-амбасадор на Амбасадата на Сојузна Република Германија, изјави дека германската влада го поддржува македонскиот земјоделско-прехранбен сектор во усогласувањето со Заедничката земјоделска политика на ЕУ, барањата за безбедност и квалитет на производите, како и воспоставување на пазарни врски. Тој посочи дека со отворањето на ЛИДЛ, што воедно ќе биде и најголемата германска инвестиција во овој сектор, македоснките производители ќе добијат директна и конкретна бизнис можност за проширување кон европскиот пазар.
Заменик-шефот на мисијата во Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија, Михал Харари, истакна дека преку швајцарската програма ИМЕ, успешно се воспоставени модели и примери на локални компании кои ги подобриле своите производи, се стекнале со бараните сертификати и успеале да се интегрираат во глобалните синџири на снабдување.
Стандардите беа презентирани од страна на експерти во областа, а на настанот беа присутни и претставници на релевантни институции, како и повеќе од 100 компании и претставници од земјоделскиот сектор, со што се создаде значајна платформа за промоција на безбедноста на храната, подготвеноста за извоз и одржливите земјоделски практики.
* Преку имплеметацијата на проектот „Подготвени за снабдување“ („Fit for Supply“), Лидл ќе овозможи поддршка на земјоделските производи, ИМЕ ќе кофинансира до 50% од трошоците за сертификација, а ГИЗ ќе обезбеди консултантска експертиза. Со стратешки инвестиции, меѓународна соработка и јасна посветеност кон конкретни резултати, Лидл докажува дека македонските производи припаѓаат не само на локалните полици - туку и на европските трпези.