„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Одржана работна средба со Управата за јавни приходи – соработка во процесот на воведување на е-фактурата

10.10.2025

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија оствари работна средба со директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова, како и претставници од Управата за јавни приходи, Министерството за финансии и Министерството за дигитална трансформација, со цел да се разменат информации во однос на процесот на воведувањето на системот на електронска фактура.

На средбата, претседателот Азески посочи дека прашањето за воведувањето на е-фактурата е едно од приоритетните прашања за приватниот сектор, кое Комората континуирано го покренуваше пред различните надлежни органи и тела во изминатите 10 години. Посочи дека како претставник на приватниот сектор, Комората смета дека воведувањето на е-фактурата ќе претставува значаен чекор кон дигитализација на македонското стопанство, но и ќе придонесе за зајакната борба против сивата економија и градење на поволно деловно опкружување, поради што Комората во целост ги става на располагање своите капацитети и ресурси, за активно да се вклучи во тој процес. Сметаме дека вклученоста на Комората ќе придонесе кон поефикасна имплементација на системот, како и кон информирање и едукација на деловната заедница.

Директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова посочи дека фокусот на Управата во изминатиот период е кон воспоставување на активна комуникација со даночните обврзници, за која цел е воспоставен и Советот за даночна усогласеност. Посочи дека со е-фактурата, целиот циклус на фактурирање, од креирање, испорака, потврда, ќе се одвива автоматски, во еден интегриран електронски систем, со јасни протоколи и заштитни механизми, додека податоците од фактурите ќе се користат автоматски и во други процеси – книжење, плаќање и евиденција, и накратко се осврна на планираната динамика на воведување на системот на е-фактурата, на промената на деловните процеси во Управата и комплетирање на процесот на нивно интегрирање во еден систем.

На средбата се дискутираше за специфичните прашања кои се однесуваат на операционализација на системот на е-фактура, и активното вклучување на Комората во процесот, што ќе овозможи деловните субјекти навремено да добиваат информации и да бидат целосно подготвени, што ќе овозможи ефикасна имплементација на планираната реформа.