„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
07.05.2025
Стопанската комора, по дојава од членки извозници за неоправданото задржување на македонски камиони кои транспортираат прехранбени производи на територијата на Косово, под изговор дека задржувањето е поради чекање резултати од лабораториски анализи, со официјален допис до надлежните институции во државата, бара итно преземање на неопходни мерки и нормализирање на протокот.
Според информации кои ги добиваме од домашните извозни компании, на косовската страна на границата се задржуваат камиони од РС Македонија, без соодветно образложение, предизвикувајќи економски штети и нарушување на трговската размена. Бидејќи се работи за прехранбени производи, кои мора да бидат во согласност со здравствените и безбедносни стандарди, протокот треба да биде без застој за да не се наруши континуитетот на домашните извозници, што може да предизвика и финансиски импликации.
За таа цел, за денеска, среда 7 мај 2025 година, ќе се реализира средба на претседателот на Стопанската комора Бранко Азески со претседателот на косовската комора Лулзим Рафуна, со цел да се најде решение и да се одблокира застојот, како би можеле камионите со македонски производи да бидат пласирани на крајната дестинација, во насока на поддршка на извозот како врвен приоритет за македонската економија.
Стопанската комора ги презема сите потребни мерки, ги информираше релевантните институции и укажа дека вакви ситуации предизвикуваат сериозни економски штети на македонските извозници и транспортните компании, се создаваат неоправдани бариери во трговската размена со партнер со кој имаме добри односи и суфицит во трговската размена, нарушувајќи ги притоа регионалните трговски договори и стандардите за слободно движење на стоки.