„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Состанок меѓу претседателот на Стопанската комора Азески и претседателот на Стопанската комора на Швајцарија-Средна Европа Бертшингер

05.05.2025

Стопанската комора (СКСМ) и Стопанската комора на Швајцарија-Средна Европа (СЕЦ) одржаа виртуелен состанок за да ги разгледаат можностите за соработка околу претстојниот стратешки настан што е планиран да се одржи во Скопје оваа есен. Настанот има за цел да ја претстави Швајцарија како атрактивна деловна дестинација за македонските компании и да ги продлабочи економските односи меѓу двете земји.

На состанокот присуствуваа претставници од двете институции. Претседателот на Комората, Бранко Азески, ја претставуваше СКСМ, а од страна на СЕЦ учествуваа претседателот и генерален директор, Оливер Бертшингер, Ирена Белчева, виш проектен менаџер и Димитри Морарцалиев, претставник за Македонија. Претседателот на Комората Азески ја изрази својата подготвеност и интерес за иницијативата и нејзиниот потенцијал за македонската бизнис-заедница.

Разговорите беа насочени кон визијата за настанот, важноста од вклучување на локалните чинители, како и можностите за понатамошна заемна соработка. Двете страни ја истакнаа потребата од градење долгорочни партнерства кои ќе придонесат за зајакнување на регионалната економска размена и иновации.

Состанокот заврши со заедничка подготвеност за продлабочување на соработката,  означувајќи го почетокот на потенцијално силно и продуктивно партнерство меѓу двете комори.

 

Фокус на економската соработка меѓу Македонија и Индија

Во просториите на Стопанската комора на Северна Македонија минатиот месец се одржа значајна работна средба меѓу претседателот Бранко Азески и амбасадорот на Индија со седиште во Софија, Н.Е. Арун Кумар Саху. Придружувани од делегација на индиски бизнисмени, дискутираа за можностите за продлабочување на економската соработка, со акцент на потенцијалот на Индија како дел од БРИКС и како глобален лидер во висока технологија и голем пазар.

Азески ја истакна важноста од позиционирање на Северна Македонија и Западен Балкан како партнер на Индија во регионален контекст, особено преку заедничко учество на меѓународни саеми и промоција на извозот. Амбасадорот Саху го потврди интересот на Индија за зголемена економска активност во регионот, со фокус на сектори како здравствен туризам, хемиска индустрија и обезбедување работна сила, најавувајќи и можност за официјална бизнис-посета на Индија оваа есен.