„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Искористување на природните и културно-историските ресурси, промоција на локалните производители и создавање можности за развој на малите бизниси беа дел од темите на работниот состанок со претставници на Општина Чучер Сандево и Општина Зелениково, на кој се разговараше за конкретни активности за поттикнување на локалниот економски развој.
На состанокот присуствуваа градоначалникот на Општина Чучер Сандево, Зоран Бајовски, градоначалникот на Општина Зелениково, Коста Маневски, претставници на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво (ИНОВА), предводени од директорката Даниела Димовска, како и претставници на INBOX тренинг центарот, каде што се реализираат обуки и курсеви за личен и професионален развој.
Во разговорите беа разменети идеи за развојните потенцијали на двете општини, можностите за поттикнување инвестиции и улогата на Стопанската комора во поддршката на локалната бизнис-заедница.
Градоначалниците на двете општини изнесоа предлози за активности во кои би можела да биде вклучена Стопанската комора.
Стопанската комора, преку својата улога во поврзувањето на компаниите со институциите и отворањето можности за деловна соработка, може да придонесе за поголема промоција на локалните економски потенцијали и нивно поврзување со потребите на бизнис-секторот. Во таа насока, беше разговарано за можностите за поддршка на локалните производители, нивна промоција пред пошироката јавност и бизнис-заедницата, како и за создавање услови за развој на микро и малите претпријатија. Посебен акцент беше ставен на препознавањето на можностите за нови инвестиции и развој на дејности што можат да придонесат за економскиот напредок на локалните средини.
Од страна на директорката ИНОВА, Димовска беа презентирани можности за создавање подобри услови за развој на микро-стопанството и малите бизниси, како и за поттикнување на нови инвестиции во општината.