„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

„Од диплома до компетенции:Новата улога на универзитетите преку поврзување на академијата и економијата"

05.06.2026

| Новости

 „Продуктивноста и ефективноста се на исклучително ниско ниво. Решението е во креирање високопрофесионален кадар со примања кои ќе одговараат на нивните компетенции. Ако тоа не го направи Македонија, уште долго време ќе продолжи да извезува млади луѓе, наместо да создаваме кадар кој ќе продуцира додадена вредност во државата внатре“, порача претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, на конференцијата на тема „Од диплома до компетeнции: новата улога на универзитетите преку поврзување на академијата и економијата“, во организација на Комората, која имаше за цел на едно место да ги обедини ставовите и искуствата на бизнис секторот, универзитетите и институциите и да отвори конструктивен дијалог за иднината на високото образование и неговата улога во економскиот и општествениот развој на државата, како и да го промовира новиот состав на Советот за високо образование и стратешки истражувања. Азески посочи дека за бизнисот е од исклучително значење преку системот на образование да се добива кадар, кој ќе биде практично корисен и затоа по теркот на дуалниот модел за средното стручно образование, треба да се работи и на модел за високото образование.

„Високото образование ќе треба да стане партнер на економијата и мотор на развојот. Нам ни е потребна нова генерација инженери, технолози, ИТ експерти, машински и електроинженери, енергетичари,... Потребни ни се практичари, не само теоретичари. Следните 10 години ќе победуваат државите со продуктивна индустрија, технолошка адаптација, сопствени иновации и стручен кадар кој создава додадена вредност, а таму треба да се најде и Македонија. Високото образование мора да стане развојна, а не административна политика“, истакна проф. д-р Марјан Ѓуровски, претседател на Советот за високо образование и стратешки истражувања.

Претставниците на бизнис заедницата, членки на Стопанската комора и активни учесници на конференцијата, порачаа дека не смее академијата и бизнисот да живеат во тотално различни светови и дека е неопходна меѓусебна соработката на полето на образоавнието, науката и истражувањето.  

Д-р Ристо Јаневски од „Окта“ АД, Скопје, истакна дека компаниите мора да се менуваат во насока на разбирање на барањата на студентите и во подобрување на условите за работа, поголемо вклучување на студентите во работните процеси за време на практичната работа за да ги разберат проблемите и процесите во компанијата, како и во креирање на заеднички теми за дипломски и додипломски трудови.

М-р Виктор Мизо од „Костал Македонија“ ДООЕЛ, Охрид, кој образованието го стекнал во странство, се осврна на значењето на студиите на случај и практично решавање на проблемите од реалниот сектор во текот на студиите, како и реализација на практичната обука, посебно во летниот период, која на странските универзитети е услов за упис во следната година. Истовремено, треба да се работи и на обука на професорите-ментори од универзитетите.

Андреа Серафимоски од „Гранит“ АД, Скопје, посочи дека по примерот на дуалното образование во средното стручно образование, ако сакаме успех, треба да направиме сопствен модел на дуално образование и во високото образование, а соработката со академската заедница останува нужност.

Во продолжение на конференцијата претставниците на универзитетите истакнаа дека последните години соработката почнала да се интензивира, но тоа не е доволно и треба да се изнајдат нови модалитети за поконструктивна соработка. Академикот Изет Зеќири изјави дека голем предизвик ќе биде соработката на професорите со бизнис заедницата затоа што професорите немаат бизнис искуство, има малку заеднички проекти и решавање на реални проблеми од бизнисот, во кои студентите заедно со професорите ги решаваат како дел од наставната програма и во креирање на теми за семинарски, дипломски, магистерски и докторски трудови во соработка со бизнис секторот. Во своето излагање предложи дека е потребна е поинтензивна интеракција Универзитет-стопанство-Влада, каде универзитетот треба да ги прилагоди програмите кон потребите на пазарот, стопанството да понуди реализација на практична настава, а Владата да создаде фискални и регулаторни стимулации за компаниите да вработуваат млади и да инвестираат во истражување и развој.