По Охрид и Битола, Стопанската комора на Северна Македонија, во соработка со Министерството за образование и наука и со поддршка на проектот „Образование за вработување – Е4Е@мк“, продолжи со активностите за промоција на угостителско-туристичкиот сектор и во Скопје. За таа цел, во Средното училиште на Град Скопје „Лазар Танев“ се реализираше еднодневен настан за запознавање на основците од општините Центар и Аеродром со кариерните можности во туризмот и угостителството.
Основната општествена улога и мисија на училиштето е да образува ученици со квалитетни и применливи знаења, умеења и вештини, како и навики и способности за совладување на современите технологии. Училиштето создава стручен кадар оспособен за примена на научните достигнувања во практиката, како и за одговорно и креативно однесување спрема работата, општеството и спрема самите себе.
Околу 500 редовни ученици на возраст од 14 до 18 години, како и голем број вонредни ученици од различни возрасти годишно ја следат наставата во СУГС „Лазар Танев“.
„Со својата целокупна активност училиштето ги подготвува учениците за динамичниот и развоен пазар на трудот во оваа дејност, а плакетата за најперспективно училиште на Балканот е дополнителен поттик да се продолжи мисијата за обучување стручен и квалификуван кадар“, посочи Небојша Вуковиќ, директор на СУГС „Лазар Танев“ Скопје. Во рамките на училиштето се реализира образование во угостителско-туристичката струка (тригодишно и четиригодишно образование), како и во хемиско-технолошката струка (тригодишно образование). Пред повеќе од 50 ученици од 5 основни училишта обраќање имаа Ана Таневска-Ѓорѓиевска, претседател на Здружението за угостителство и туризам при Комората, и Влатко Ѓорѓиевски, професор по практична настава за насоката Готвач, кои низ личното работно искуство на различни позиции во угостителскиот сектор им ги претставија кариерните можности што ги нуди овој сектор.
Ваквите посети се од особено значење бидејќи овозможуваат директно поврзување на теоретските знаења со практичната примена. Како и во другите туристички региони, и кај нас работодавците се соочуваат со недостиг од квалификувана работна сила. Пораката што ја пренесоа директорот на училиштето, како и претставниците на Здружението за угостителство и туризам при Комората беше јасна – овој сектор има перспектива и нуди реални можности за вработување и за професионален развој.
Младите луѓе со своите знаења, енергија и креативност претставуваат клучен фактор за натамошниот развој на туризмот и угостителството. Токму преку вакви иницијативи се поттикнува нивниот интерес за овие професии, се гради свесност за нивната важност и се создава основа за квалитетен и конкурентен кадар, кој ќе придонесе за развојот на економијата во целина.