„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Стопанската комора на Северна Македонија ќе ја интензивира соработката со општините Чучер-Сандево и Зелениково, со цел поврзување на локалната бизнис-заедница, поддршка на инвестициите и унапредување на инфраструктурата како предуслов за побрз економски развој.
На средбата со градоначалниците на двете општини, претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, истакна дека Комората станува стратешки партнер на општините, со намера преку институционална поддршка и конкретни иницијативи да придонесе за подобро искористување на нивните економски потенцијали.
На работниот состанок на тема „Унапредување на деловната соработка и воспоставување партнерство за рурален развој“, кој се одржа во Комората на иницијатива на Азески, беа презентирани развојните можности на општините Чучер-Сандево и Зелениково, како и насоките за нивно поврзување со бизнис-заедницата.
Градоначалникот на Општина Чучер-Сандево, Зоран Бајовски, ги претстави деловните потенцијали на општината, капацитетите и развојните планови за индустриските зони долж северниот потег на Коридорот 10, со посебен акцент на можностите за партнерство со компаниите.
Градоначалникот на Општина Зелениково, Коста Маневски, ги презентираше економските потенцијали на општината, инфраструктурните можности на локалната индустриска зона поврзана со железничкиот сообраќај и плановите за привлекување зелени инвестиции, со фокус на незагадувачки производствени капацитети и можност за изградба на филмски град.
Беше договорено општините да достават преглед на состојбите и приоритетните инфраструктурни проекти, за кои ќе се бара поддршка од централната власт и нивно соодветно буџетско планирање.
Како една од иницијативите беше посочено формирање заеднички бизнис-клуб на компаниите од двете општини, кој би се поврзал со Скопската стопанска комора и би придонел за посилно организирање на локалната бизнис-заедница. Комората ќе ги искористи и своите меѓународни контакти, вклучително и контактите воспоставени преку европските проекти, за поддршка на иницијативите и лобирање за развојните приоритети на општините.