„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
27.08.2026 - 16.09.2026 , Обука
сала 1, 5-ти кат
9:00 – 15:00 часот
сала 1, 5-ти кат Стопанска комора на Северна Македонија
Дали вашата организација се соочува со промени кои се неопходни за раст и развој, но истовремено предизвикуваат несигурност, отпор или намалена ангажираност кај вработените? Воведување нови технологии и дигитални решенија, промени во организациската структура, нови процеси и процедури, нови системи за работа или промена на улогите и одговорностите се дел од секојдневието на современите организации.
Но, промената не се случува само со воведување нов систем, процес или структура – таа се случува кога луѓето ќе го прифатат и применат новиот начин на работа.
Често се случува менаџментот јасно да ја согледува потребата од промена, додека вработените ја доживуваат како дополнителен притисок, губење на сигурноста, зголемување на обврските или закана за воспоставениот начин на работа. „Зошто повторно нешто менуваме?“, „И досега функционираше“, „Немаме време за ова“, „Ова нема да функционира кај нас“ – се само дел од реакциите со кои лидерите се соочуваат во процесот на промени.
Управувањето со промените подразбира многу повеќе од планирање и имплементација. Тоа значи разбирање на реакциите на луѓето, препознавање и управување со отпорот, соодветна комуникација, вклучување на вработените и обезбедување поддршка за усвојување на новите начини на работа.
Практичните алатки и пристапи за управување со промените им овозможуваат на лидерите и менаџерите навремено да ги идентификуваат ризиците, да ги разберат причините за отпорот, да ги вклучат клучните чинители и да креираат услови во кои промената ќе биде прифатена и одржлива.
Со намера да понуди практични пристапи, алатки и ресурси за поефикасно управување со промените, Стопанската комора на Северна Македонија на 17.09.2026 година организира обука на тема „Управување со промени во организациите“, која ќе се фокусира на развивање на практични вештини за успешно водење на луѓето низ процесот на промена.
Обуката е наменета за менаџери, сопственици/директори на компании и тим лидери.
· Идентификување и управување со отпорот кон промени пред тој да прерасне во сериозен проблем за тимот или организацијата.
· Користење практични алатки за анализа и планирање на промените, како Change Impact Map, Stakeholder Mapping и ADKAR.
· Вклучување и мотивирање вработените во процесот на промена, преку соодветен пристап кон различни групи и индивидуални потреби.
· Изработка на конкретен акциски план за управување со реална промена во сопствената организација.
Содржина:
I сесија
· Вовед: Како реагираме на промена?
· Што е промена и зошто луѓето ѝ се спротивставуваат
· Дијагностика на промена
II сесија
· Отпор кон промени
· Комуникација во процес на промени
· Практична вежба: Студии на случај
III сесија
• Како да ги вклучиме луѓето?
• Модел за управување со промени
• Практична вежба: акциски план за промени
Биљана Велевска раководи со Самеримпекс Импулси од 2000 година и има огромно искуство во управување со проекти, консултантство, анализи, дијагностики и обуки. Биљана е магистар по Европски менаџмент (Europa Institute во Германија) и сертифициран СМС меѓународно сертифициран менаџмент консултант. Поседува сертификати за тренинг и коучинг од неколку светски методологии, со кои овозможува компаниите да ги најдат најдобрите решенија за деловен раст и развој. Од 2020 е сертифициран консултант за Управување со учинокот (KPI Professional) на KPI Institute од Австралија, а од 2021 е и сертифициран Мастер тренер за емоционална интелигенција според Genos International и сертифициран DISCFlow тренер. Нејзиниот практичен пристап поттикнува оптимизација на ресурсите и максимизирање на профитот.
Велевска има меѓународно искуство со менаџери и раководители од Кипар, Швајцарија, Австрија, Бугарија, Кипар, Косово, БиХ, Србија и Балтичките земји.
За сите учесници на обуката ќе биде обезбедено:
- материјали за реализација на вежбите
- работни материјали во електронска верзија
- сертификат за учество на обуката
Сите заинтересирани за учество да се пријават најдоцна до 15.09.2026 година.