„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од здруженијата

Информација за одржана седница на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите

Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите на 27 јануари 2026 година ја одржа втората седница со новиот состав на Управниот одбор, на која присуствуваа и претставници на компаниите членки.

На седницата беше презентиран Извештајот за работата на Здружението за периодот 2020–2025 година, како и образложен Предлог-планот за работа за наредните пет години.

Имајќи ја предвид улогата на Здружението како организација со најголем број членки, беше потенцирана одговорноста планираните активности да се реализираат системски и организирано. Во таа насока, беше договорено Предлог-планот да им биде доставен на компаниите членки во работна верзија, со цел прибирање дополнителни предлози и препораки, по што документот ќе биде финализиран.

Беше претставен Планот за наредните 5 (пет) години и како клучни приоритети во наредниот период се утврдија следниве активности на Здружението:

  • поефикасно функционирање на органите на управување;
  • остварување регионална соработка со сродни организации од соседните земји, со акцент врз најблиските со кои најмногу соработува овој сектор, и тоа Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово;
  • продлабочување на соработката со стручните домашни асоцијации и институции;
  • поддршка на стручното образование преку соработка со средните стручни училишта и со Градежниот факултет;
  • интензивна соработка со Владата и со ресорните министерства за поголемо учество на домашните компании во инфраструктурните проекти;
  • иницирање законски измени во интерес на домашната градежна индустрија.
Како клучни точки за наредниот петгодишен период беа издвоени соработката со Владата и иницирањето законски измени во интерес на секторот. По оваа точка се обратија претседателот на Здружението, Андреа Серафимовски, и претседателот на Координативното тело за градежништво при Комората, д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска, кои остваруваат редовни состаноци со Владата на Република Северна Македонија. Тие ги информираа присутните за досегашните активности, при што беше истакнато дека Координативното тело функционира преку два основни корпуса:
– првиот е насочен кон решавање на тековните оперативни проблеми поврзани со конкретни прашања и проекти,
– вториот е фокусиран на потребите од измена и од унапредување на законската регулатива, за што е формирана и посебна правна комисија.

Целта на ваквиот пристап е системско решавање на предизвиците со кои се соочуваат компаниите од секторот, како и создавање поквалитетна и попредвидлива деловна средина.

Во моментот беше истакнато дека се работи на:

  • системско решавање на проблемите на компаниите преку координација со институциите;
  • измени на законската регулатива, особено во делот на јавните набавки;
  • иницијатива градежништвото да биде утврдено како стратешка гранка од национално значење;
  • подготовка на договор за стратешко партнерство со Министерството за транспорт.