„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Во Стопанската комора презентиран системот за е-фактура

09.12.2025

| Актуелно

Во просториите на Стопанската комора на Северна Македонија се одржа презентација на новиот систем за електронско фактурирање (е-фактура) што го воведува Управата за јавни приходи (УЈП), како и на тековните проекти што ги спроведува институцијата. Настанот го модерираше Габриела Кулебанова, претседателка на Центарот за микро, мали и средни претпријатија, која во воведното излагање ја нагласи важноста од благовремена комуникација меѓу институциите и деловниот сектор.

Настанот беше организиран преку Центарот за микро, мали и средни претпријатија, кој работи во рамките на Стопанската комора на Северна Македонија, со цел компаниите навремено да се запознаат со процесот на имплементација, техничките барања и практичните аспекти од користењето на новиот модел на електронско фактурирање.

Претставниците на УЈП ги претставија основните принципи на системот, обврските што ќе произлезат, роковите за усогласување и очекуваните придобивки од новиот начин на работа. Посебен акцент беше ставен на начинот на издавање и прием на е-фактури, контролата и верификацијата, како и на интеграцијата со постојните софтверски решенија што ги користат компаниите. Беше истакнато дека компаниите кои веќе поседуваат свој софтвер за фактурирање со одредени прилагодувања на истиот ќе може да ги доставуваат е-фактурите преку АПИ врска до УЈП. Овој начин на достава на е-фактура ќе почне да се тестира од 01.01.2026 год.

Извршниот директор на Комората Антони Пешев, во воведното обраќање потенцираше дека Стопанската комора ќе продолжи да ги поддржува компаниите со релевантни информации, едукативни активности и консултации, со цел непречено и ефикасно приспособување кон новиот систем на е-фактура.

„Овој систем ќе ги ослободи компаниите од една страна од непотребно подготвување на фактури во хартиена форма кои понатаму тешко се ревидираат, тешко се анализираат и се чуваат, но од друга страна ќе и направи и на државата ефикасен метод за ефикасна анализа за тоа што точно се случува во економијата во државата. Од ова место би сакал да упатам неколку клучни принципиелни забелешки до тимот во УЈП. Системот да биде одржлив, практичен и брз. Без таков систем ќе направиме големо пореметување и би било многу непријатно ако после тоа мора да се стопира, да се унапредува итн. Значи, оставете си простор, подобро е да го направиме системот 100% функционален и проверен, отколку да влеземе во авантура која ќе остави силни последици. Една од клучните работи е и заштитата на податоците и можностите за упад на системот и блокирање на работата итн. Затоа потребно е да има сценарио Б-што ќе се случи ако системот во еден момент нема да функционира, еден час или еден ден “, кажа Пешев.  

На настанот се обрати и директорката на УЈП, м – р Елена Петрова, која во обраќањето истакна дека новиот систем за електронско фактурирање ќе донесе поголема правичност во економијата и ќе го намали административниот товар за компаниите. Таа исто така додаде дека процесот на воведување на е-фактура е заеднички придонес на институциите и бизнис заедницата, кои заедно работат на унапредување на системот. Директорката ги најави сите проекти на кој работи УЈП, а целта е како што појасни да се обезбеди навремено и точно исполнување на даночните обврски од страна на сите компании.
,,е-Фактура – Започнуваме со тестирање од 1 јануари. Ќе ги објавиме спецификациите за интеграција и средните и големите компании ќе може да ги прилагодат своите софтвери. Потоа ги пуштаме и бесплатните апликации за малите фирми“– истакна директорката Петрова.

Петрова на овој настан  ја најави и најголемата ИТ-инвестиција во историјата на УЈП, вредна 1,8 милиони евра,  а тоа е  опрема за секундарна локација, што значително ќе  ја зајакне безбедноста на податоците и инфраструктурата. Сега се во финална фаза преговорите за договорот, а испораката и инсталацијата ќе се реализираат во првиот квартал на 2026 година. 

За настанот имаше голем интерес од компаниите. Присутните имаа можност да поставуваат прашања и да добијат појаснувања во врска со најчесто поставуваните дилеми, како што се техничката подготовка, безбедноста на податоците и очекуваната динамика на транзицијата од хартиени кон електронски фактури.