„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Во Стопанската комора на Северна Македонија се одржа работна средба меѓу потпретседателката на Комората, д-р Јелисавета Георгиева Јовевска и амбасадорот на Република Индија акредитиран во земјава со седиште во Софија, Н.Е. Арун Кумар Саху.
Разговорот беше насочен кон идентификување конкретни можности за соработка меѓу индиските и македонските компании, особено во делот на технологијата, инфраструктурата, фармацијата, земјоделството, градежниот сектор и енергетските иновации.
Д-р Георгиева Јовевска го запозна амбасадорот со потенцијалите што Комората ги има на регионално ниво и посочи дека Комората е подготвена да иницира деловни настани и да ги поврзе компаниите не само од двете земји, туку и од земјите на Западен Балкан, со цел поттикнување долгорочни партнерства.

Амбасадорот Саху, пак, ја истакна отвореноста на индиската деловна заедница за поголемо присуство на Балканот и ја препозна Северна Македонија како стабилна и перспективна дестинација за инвестиции. Тој покажа интерес за организирање на бизнис форум во Индија, на кој покрај компании од Македонија би присуствувале и компании од целиот Балкан.
Трговската размена меѓу Северна Македонија и Индија во периодот јануари–септември 2025 година изнесува 91,3 милиони долари, што е раст од 19% во однос на 2024 година. Извозот изнесува 4,53 милиони долари (+29%), увозот 86,7 милиони долари (+18%), а трговскиот дефицит 82,2 милиони долари.
Индија се наоѓа на 28. место во надворешната трговија на државата. Најзастапени извозни производи: електрични мотори, делови за возила и машини за ткаење. Во увозот доминираат трактори, антибиотици, керамички плочки, телефонски апарати, сусам и лекови.