„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Амбасадорот на Аргентинската Република Алехандро Зотнер Мејер во посета на Стопанската комора

21.11.2025

Амбасадорот на Аргентинската Република, Н.Е. Алехандро Зотнер Мејер, акредитиран во Северна Македонија со седиште во Софија, престојуваше во работна посета на Стопанската комора на Северна Македонија, каде што оствари средба со потпретседателката на Комората, д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, која е и советник на претседателот за инфраструктура и економски развој.

На средбата се разговараше за унапредување на економската соработка меѓу двете земји и за можностите за поттикнување на деловните контакти помеѓу компаниите од Северна Македонија и Аргентина. Посебен акцент беше ставен на трговската размена и инвестициите, како и на потенцијалните области за заеднички проекти, меѓу кои агроиндустријата, прехранбената индустрија, енергетиката и туризмот.

Амбасадорот Зотнер Мејер ја истакна подготвеноста на Аргентина за приближување кон македонскиот пазар и подлабоко вмрежување со деловната заедница, нагласувајќи дека постојат реални можности за зголемување на извозот и увозот, како и за заеднички инвестиции.

Д-р Јелисавета Георгиева Јовевска ја потенцираше улогата на Комората во олеснувањето на комуникацијата меѓу компаниите, како и можноста за организирање на деловни форуми и презентации на компании со цел подобро запознавање со пазарните потенцијали. Потпретседателката ја пренесе и подготвеноста на Комората да обезбеди поддршка за секоја иницијатива што ќе придонесе за развој на билатералната економска соработка.  На состанокот беа понудени и конкретни чекори што ќе ги поддржат и охрабрат компаниите од двете земји да иницираат нови партнерства и заеднички проекти.

На средбата заеднички се констатираше дека нашите пријателски земји имаат потенцијал за многу поголема соработка од досегашната и дека постои можност не само за поголема размена на стоки, туку и за размена на знаења и на ресурси.

Според податоците, вкупната трговска размена на Република Северна Македонија со Република Аргентина во периодот јануари – септември 2025 година изнесува 19,1 милиони САД $, што претставува раст од 3,2 % во однос на истиот период од претходната 2024 година. Притоа, остварен е извоз од РСМ во Аргентина во вредност од 452 илјади САД $, односно зголемување од 5.1%, додека, пак, увозот од Аргентина изнесува 18,6 милиони САД $, односно благо зголемување од 0,8 % споредено со истиот период од 2024 година. За споменатиот период најзастапени производи во извозот се тутун и електрични мотори, додека во увозот се маслени погачи од соја, замрзнат ослиќ, лимон и лимета, кикиритки и живински јајца.