„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
10.11.2025
„Инфраструктурата е предуслов за инвестиции и за развој затоа што ако инвеститорот согледа дека вложувате во инфраструктурата, ве препознава како сериозен партнер“, истакна Мило Ѓукановиќ, поранешен премиер и претседател на Црна Гора и стопанственик, во најновата епизода на поткастот „Бизнис-клуб плус“ со Бранко Азески. Разговорот даде важен аналитички осврт на економските последици од инфраструктурните инвестиции, стратешките предизвици на евроинтеграциите и на потребата од партнерство меѓу државата и бизнис-секторот како услов за одржлив економски развој.
Зборувајќи за привлекувањето странски инвестиции како двигател на економскиот раст и развој на државата, Ѓукановиќ истакна дека, и покрај сите државни мерки и стимулативни политики за привлекување странски инвестиции, првите поголеми инвестиции почнале да пристигнуваат откако започнала изградбата на автопатската инфраструктура. Според него, развиената патна инфраструктура, протокот на стоки и услуги, ниските даночни стапки и уредените имотноправни односи претставуваат суштински услови за создавање соодветна инвестициска клима. Во тој контекст објасни дека државата го рационализирала управувањето со воените објекти и со инфраструктурата поради јасната сопственичка структура. Но, исто така, нагласи дека странските инвеститори сакаат и предвидлива политика на Владата.
Во разговорот се осврна и на процесите со проширувањето на Европската Унија и на предизвиците со кои се соочуваат државите од Западен Балкан, особено за Црна Гора и за Македонија. Потцрта дека недоволната динамика на проширување и одложените одлуки на ЕУ создадоа простор за геополитички влијанија во регионот, што претставува ризик за стабилноста на Европа.
Во продолжение на поткастот Ѓукановиќ направи компаративна анализа меѓу поранешниот југословенски економски систем и европскиот модел на пазарна економија, а се осврна и на причините за распадот на Југославија, како што се дезинтеграциската тенденција, економската криза во 90-тите години и крајот на Студената војна, по што се појави потребата од длабоки економски реформи за да се направи државата конкурентна. Ѓукановиќ нагласи дека Југославија, за разлика од другите источноевропски земји, како држава не ја искористила шансата за приклучување кон Европската Унија поради различните општественоекономски концепти: државна економија на самоуправни односи и на заеднички договори и затворен пазар во рамките на државата, наспроти пазарна економија и отворен економски пазар.
Запрашан какви се перспективите за Западен Балкан, тој потенцираше дека интеграцијата во Европската Унија претставува стратешка нужност, но нагласи дека земјите од Западен Балкан мора да си ги исполнат реформските обврски и да покажат политичка зрелост, бидејќи не верува дека ќе ни прогледаат низ прсти ниту, пак, дека ќе нѐ примат преку ред. Според него, земјите кои биле примени преку ред, поради некои геополитички односи, органски не припаѓаат во Европската Унија и додаде:
„Мора да ги исполниме домашните обврски, односно земјите на Западен Балкан да ги довршат реформите што ги започнале за да се искористи расположението на Европската Унија за завршување на процесот на проширување. Но, тоа бара посветеност. За Западен Балкан би било погубно продолжувањето на процесот на самоизолација затоа што културно и културолошки припаѓаме во Европа.“
Според него, Европската Унија направила геополитичка грешка со одложувањето на проширувањето и оставањето на Западен Балкан надвор од европските влијанија, затоа што балканската криза која би настанала би била сериозен проблем и за Европската Унија.