„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Бизнис клуб

М-р Михајло Борозанов во „Бизнис-клуб“: Продуктивност, добра инфраструктура и инвестиции во образованието – клуч за просперитет на државата

16.10.2025

Во втората сезона на поткастот „Бизнис-клуб“, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески разговара со м-р Михајло Борозанов, директор на Дирекцијата за финансии и член на Управниот одбор на „Макпетрол“ АД Скопје. Разговорот беше посветен на бизнис-условите за развој на македонската економија и на улогата на „Макпетрол“ АД Скопје, македонска компанија со 80-годишно постоење, како еден од столбовите на македонската економија.

Во разговорот м-р Борозанов изјави дека компанијата „Макпетрол“ АД е лидер на Балканот во енергетскиот сектор, функционира на солидна деловна основа, вработува повеќе од 2000 луѓе, поседува 127 малопродажни објекти и остварува годишен обрт од 500 до 600 милијарди евра, иако работи со мали маржи. Во фокусот на компанијата е квалитетот на производот и на услугите, преку доследно следење и почитување на стандардите.

М-р Михајло магистрирал Бизнис-администрација со специјализација по финансии на Дунавскиот универзитет во Кремс, Австрија. Неговото 20-годишно  искуство во корпоративните финансии, стратегијата, менаџментот со ризици и дигитализацијата му овозможува успешно да ги извршува функциите директор на финансии и член на Управниот одбор во „Макпетрол“ АД Скопје. Според него, финансиската стратегија, дигиталната трансформација и современото корпоративно управување, меѓу кои и управувањето со ризици, се основата за создавање одржлива и глобално конкурентна економија.

Запрашан за бизнис-амбиентот, кој не е докрај поволен за создавање услови за повисоки профити и за зголемен извоз, што би довело до додадена вредност на производот и на услугите и би обезбедило добар и сигурен опстанок на државата и останување на младите во неа, м-р Борозанов нагласи:

„Потребно е зголемување на продуктивноста преку вложување во добра инфраструктура (железнички и патен сообраќај), силни инвестиции во образованието, знаењето и во практичните вештини, како и забрзана дигитализација со користење на потенцијалите на вештачката интелигенција.“

Целиот разговор може да се погледне на YouTube каналот на Стопанската комора