„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Кулебанова добитничка на признание на четвртата меѓународна конференција „Јас сум жена“

08.10.2025

Претседателката на Центарот за микро, мали и средни претпријатија при Стопанската комора на Северна Македонија, Габриела Кулебанова, е добитничка на признание на четвртата меѓународна конференција „Јас сум жена“, која се одржа на 28 септември во Македонската филхармонија.

Конференцијата, во организација на Здружението за вмрежување на жени, едуцирање и истражување „Јас сум жена“, и оваа година ја промовираше улогата на жените лидери и значењето на женскиот глас во општеството.

Со ова признание, Кулебанова беше истакната како жена која со својот професионален ангажман, лидерство и поддршка на претприемништвото, особено на микро, малите и средните компании, придонесува за економскиот развој и создавање можности за жените во бизнисот.

Настанот беше поделен на пет панел-дискусии – „Македонки во рурални средини“, „Македонки во нетипични професии“, „Македонки во енергетика“, „Македонки во светот“ и „Мајките за Македонија и Мајките за Америка“, преку кои беа споделени инспиративни приказни на жени кои ја менуваат реалноста во своите заедници. Во рамките на конференцијата беа одликувани девет жени амбасадорки кои се истакнале со својот придонес во различни области, како и првата жена претседател на државата, Гордана Силјановска Давкова, која беше добитничка на специјалното, десетто признание.