„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
23.09.2025
Сѐ уште не се купува според квалитет на локација, туку според навики. Купувачите сè уште не бегаат од сообраќаен хаос и пренаселени зони, изјави Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво при Стопанската комора на Северна Македонија во емисијата „Бизнис објектив“ на ТВ Телма.
Во услови на постојан раст на цените на недвижностите, се појавува специфичен тренд на пазарот: сопственици кои претходно не планирале да ги продаваат своите станови, поттикнати од високите пазарни цени, сè почесто ги изнесуваат на продажба, главно со цел остварување на финансиска добивка.
„Имаме еден чуден феномен – луѓе кои не планирале да ги продаваат своите станбени единици, гледајќи како растат цените, се одлучуваат да ги продаваат заради заработка. Така на огласите можеме да видиме некои енормни цени на продажба по метар квадратен“, истакна Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Македонија.
Во контекст на предложената мерка од Народната банка на Република Македонија за поддршка на младите во процесот на купување стан, Серафимовски оценува дека нејзиниот ефект ќе биде ограничен.
„Сметаме дека предложената мерка од НБРМ во мал дел ќе ги подобри условите на младите, но за вистинска регулација на цените е потребно многу повеќе. Државата има инструменти со кои може да делува и да им помогне на граѓаните да плаќаат цена по метар квадратен што е во согласност со квалитетот на градбата“, вели тој.
Согласно анализите на Здружението, во општините со повисока трансакциска активност, цените на становите достигнуваат ниво што го надминува финансискиот капацитет на едно просечно семејство.
Серафимовски се осврна и на факторите што влијаат врз одлуките на купувачите при изборот на станбен простор.
„Се надевам дека концептот за живеење во поквалитетни услови ќе надвладее и ќе стане една од клучните одлуки при изборот на стан. Во моментов, начинот на размислување сè уште е воден од други параметри – близина до училиште, градинка, работно место, парк, трговски центар. Но, верувам дека во следната деценија ќе се случи промена, слична на онаа што веќе функционира во западноевропските земји“, додаде тој.