„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
05.09.2025
Во Стопанската комора на С. Македонија денеска се одржа уште една работна средба меѓу претставниците на бизнис-секторот и на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, предводени од претседателот на Комората Бранко Азески и од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипунов. Како што нагласи ресорниот министер уште на самиот почеток на средбата, оваа кампања има цел да ја подигне националната свест за домашниот производ. По направените анализи на економските показатели, кои во еден дел покажуваат надолен тренд, Владата ја осмисли и ја започна кампањата насловена МАКЕДОНСКО НАЈДОБРО за да се подигне свеста кај купувачите за домашните прехранбени производи и за да се стимулира домашното производство. Така, со здружени сили меѓу Владата, Министерството и бизнис-секторот, ќе се врати довербата во нашето знаење, во нашата рака и во нашиот потенцијал, а парите ќе завршат во домашната економија. Владата ја има својата улога во промовирањето, поддршката и во создавањето погодна бизнис-клима;претпријатијата ја имаат својата улога во создавањето квалитетни производи со кои ќе се гордееме сите, а ние како граѓани ја имаме најважната улога – моќта да избереме.
На почетокот со кампањата беа опфатени само производителите на примарни производи, но сега, во следната фаза, ќе биде опфатена и преработувачката индустрија.
Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески истакна дека ни недостига цел, а тоа е зголемување на домашниот бруто-производ. Само на тој начин ќе ја размрдаме домашната економија. Ова не е повик за затворена економија, туку за отворена самодоверба. Оваа кампања е повик на сите нас – Владата, бизнисот и граѓаните – да се здружиме околу заедничката цел – просперитетот на нашата земја.
Домашните компании секојдневно се регистрираат на платформата makedonskonajdobro.mk, а маркетите веќе ги означија домашните производи. Наедно, за да има поголем ефект, но и за да се избегнат злоупотреби, компаниите предложија формирање заедничко координативно тело, кое ќе управува со кампањата, која е одлично прифатена од граѓаните.
На крајот на средбата претседателот Азески вети дека оваа кампања ќе им биде претставена и на највисоките тела на Комората, па очекува таа да најде поддршка и примена и во другите стопански дејности.