„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Одржана седница на Центарот за циркуларна економија со нови иницијативи за зелена трансформација на стопанството

04.09.2025

 На 2 септември 2025 година во Стопанската комора на Северна Македонија се одржа седница на Центарот за циркуларна економија, на која повеќе од 20 компании и претставници на „Хелветас“ дискутираа за идните чекори во унапредувањето на циркуларниот модел на работа и за неговата примена во македонските компании.

Главни теми на дневниот ред беа дискусијата во однос на Зелената агенда и последиците од нејзиното спроведување, односно неспроведување; претставувањето на „Информацијата за можностите за поддршка на компаниите за зелен раст и развој“ и можноста за аплицирање од компаниите членки на Центарот за циркуларна економија, како и претставувањето на нацрт-платформата „Регистер за секундарни суровини“.

Компаниите беа запознати со можноста за аплицирање за неповратни средства преку механизмот на кофинансирање, со цел остварување на целите зацртани во „Информацијата за можностите за поддршка на компаниите за зелен раст и развој“, преку спроведување научноистражувачка експертиза, односно спроведување обуки за подигнување на капацитетите на вработените за зелените вештини, активности кои значително ќе придонесат за унапредување на нивните работни процеси (производствени процеси), во насока на глобалниот зелен развој.

Исто така, беше претставена и нацрт-платформата за секундарни суровини, која ќе има цел на едно место, во една база, да ги собере сите потребни информации/податоци (во првата фаза на национално ниво), кои ќе се добиваат, од една страна, од компаниите од чии производствени процеси произлегуваат секундарни суровини и, од друга страна, од компаниите кои бараат определени (секундарни) суровини како репроматеријали. Можноста за нивно полесно спојување, односно за располагање со суровините ќе биде приоритетна задача за оваа платформа, која е сѐ уште во фаза на креирање и доуредување. Учесниците развија дискусија, па во следниот период со свои предлози ќе придонесат за креирање наменска платформа.

Од Комората истакнаа дека периодов започнува размената на идеи со членките, во насока на детектирање на потребите и на проблемите кои, преточени во предлози на компаниите членки, би биле земени предвид при разработката на проектни идеи. ЕУ, како најголем донатор, акцентот го става врз циркуларната економија и врз Зелената агенда.