„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ГУВЕРНЕРОТ НА НАРОДНАТА БАНКА НА РСМ ВО „БИЗНИС-КЛУБ ПЛУС“: РЕЦЕПТОТ ЗА БРЗ РАСТ СЕ ХРАБРИТЕ РЕФОРМИ И ПРЕЗЕМАЊЕТО РИЗИК

28.08.2025

 Во најновото издание на втората сезона на подкастот „Бизнис-клуб“, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески разговара со проф. д-р Трајко Славески, гувернер на Народната банка на Македонија, чии уставни ингеренции се високо поставени во однос на бизнисот.

Проф. д-р Славески ја сподели својата визијата за улогата на Народната банка, како и искуствата од неговото работење како поранешен министер за финансии во Владата на Република Македонија во период од 2006-2009 година.

Во разговорот, тој нагласи дека клучот за брз раст на државата се храбрите реформи и преземaњето ризик. „Рецепт за брз раст на долгорочните инвестиции - економија, образование, здравство, капитални инвестиции - e спроведувањето реформи за кои треба храброст и преземање ризик“. Истовремено истакна дека за сите клучни реформи што биле преземени добивал поддршка од Стопанската комора и од преседателот Азески.

Во подкастот беа изложени целите на Народната Банка кои се однесуваат на ценовната стабилност, која е поврзана со финансиската стабилност, како предуслови за одржлив економски развој. „Инфлацијата мора да се држи под контрола и во тие рамки да се овозможи економијата (бизнисот) и граѓаните да можат да ги реализираат своите планови за инвестииции и потрошувачка“, истакна проф. д-р Славески.

На прашањето на претседателот Азески за транспарентноста во однос на девизните и стоковите резерви, проф. д-р Славески нагласи дека Народната банка е целосно транспарентна – податоците се јавно достапни на нејзината веб-страна, а годишно се  поднесува извештај до Собранието.

Во продолжение на подкастот, беше отворена и темата за неговото министерско  работење, каде беа споменати неколку значајни иницијативи што ги има преземено, а некои од нив се применуваат и денес:

·       предвремено отплаќање на долгот кон Парискиот клуб, без негативен ефект врз ликвидноста, а со позитивен одраз врз имиџот на државата;

·       залагање за рационално трошење на јавните финансии;

·       воведување на концептот „бруто плата“ - интегрирана наплата на придонеси и

·       исплата на плата најдоцна до 15-ти во месецот.

Поткастот „Бизнис клуб“ продолжува да биде платформа за отворени разговори на економските политики, со цел поттикнување на развојот и афирмацијата на македонското стопанство.