„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
22.08.2025
Вицепремиерот Александар Николоски оствари работна средба во Комората на покана на претседателот на СКСМ Бранко Азески, на која присуствуваа и членовите на Управниот одбор Иван Бошковски, од Фершпед, АД Скопје и м-р Радош Вукичевиќ од Алкалоид, АД Скопје, и дел од раководството на СКСМ, извршниот директор м-р Антони Пешев, Билјана Пеева Ѓуриќ, оперативен директор и Даниела Михајловска Василевска, советник за активностите поврзани со извозот, во Кабинетот на претседателот на Комората.
На средбата се разговараше за повеќе теми од интерес за бизнисот. Посебен акцент е ставен на проблемот со новите протоколи на Европската Унија:
- EES (систем за влез/излез) и
- ETIAS (европски систем за информации и авторизација за патување), како два одделни системи што постепено ги воведува ЕУ за управување и контрола на влезот во Шенген зоната.
Првиот треба да биде со примена од 2025-та а другиот од 2026 година. Бизнисот укажува дека протоколите за компаниите ќе преставуваат дополнително оптоварување, а транспортните оператори ќе ги стават во неповолна положба во споредба со операторите од ЕУ, поради Шенгенските правила што го ограничуваат периодот на професионалниот возач кој може да извршува билатерални транспортни услуги (ограничување од 90 дена во текот на кои било 180 дена).
Според последните информации, системот за влез/излез (EES) треба да почне на 12 октомври 2025 година и постепено, во период од 6 месеци да го имплементираат 29 европски земји (25-те членки на ЕУ дел од Шенген зоната, плус Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија), а со целосната имплементација да започне од 10 април 2026 година, од кога електронски ќе се пресметуваат деновите на престој. Во овој момент преку вториот систем, ETIAS, не е потребна никаква акција од страна на патниците, а Европската Унија ќе информира дополнително за конкретниот датум за почеток на ETIAS неколку месеци пред неговото лансирање.
Претседателот Бранко Азески, информираше дека Комората ги следи овие активности. Најави дека во следниот период преку двете бизнис регионални асоцијации, КИФ и АБЦ, на претстојните настани во септември и октомври на кои се очекува присуство и на претставници од Европската Унија, ќе бидат отворени дискусии за актуелната проблематика. Азески во разговорите стави акцент и на претстојната конференција за инфраструктура, која Комората следниот месец ја организира со цел да се прати порака дека преку јавно-приватниот дијалог потребно е да се добие јасна слика во државата за тоа какви се инвестициските активности и каков е трендот на нови вработувања.
Вицепремиерот во Владата на РСМ Александар Николоски најави дека постои активен дијалог со претставници на ЕУ по прашањето за правилата за патување во ЕУ за земјава и дека Владата е подготвена да нарави се` што е во нејзина можност за македонските граѓани полесно да влегуваат во ЕУ. Во суштина она што сме информирани, вели Николоски, е дека постојниот систем на ЕУ се дигитализира, светот, технологијата одат напред и во таа насока треба да се почитува она што го воведува ЕУ од една страна, но од друга страна, да не се комплицира процедурата за влез на македонски граѓани. Секако министерството за надворешни работи и министерството за европски прашања имаат комуникација и заеднички како Влада ќе се координираме кога ќе се воведе, посочи Вицепремиерот.
На работната средба беше констатирано и дека активностите во патната инфраструткура добиваат на динамика, а за државата особено значаен позитивен сигнал е договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство.