„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Порака од претседателот

Комората е спремна за есенските активности

11.08.2025

Летото 2025 како да го достигнува својот зенит. Седам со својата сопруга на една преубава тераса во Драч и двајцата се воодушевуваме на фактот дека полека, но сигурно Албанија станува фактор за туризмот на Балканот. Овде ништо не недостига, па дури ни квалификувана работна сила, што е проблем насекаде.

Кај нас како и обично: завршија едни избори (оние во Комората), а се најавуваат другите, во државата. Во Комората направивме најдобар избор досега: во Собранието мудроста и искуството, во Управниот одбор младоста и децентрализмот, а на сите други места професионализмот. Едноставно, го избравме она што го имаме како најдобар ресурс. Образованието за потребите на бизнисот, како и извозот и регионалната соработка се поставени како врвни приоритети, не запоставувајќи ги другите таргети кои го чинат бизнис-амбиентот. Тој кадровски потенцијал е доволен за да ја потпомогне инвестициската платформа на актуелната Влада, вредна десетина милијарди евра, со која јавниот сектор заигра на сè или ништо.

На врвот на пирамидата на Комората доаѓаат двајца докажани бизнисмени, еден од средната и еден од помладата генерација: Сашо Наумоски (56) од ВИТАМИНКА и д-р Драгана Чифлиганец (43) од АДОРА.

Потпретседателските места се распределени меѓу нашиот најдобар кадар, кој ќе покрива области од суштинско значење за македонската економија: извозот Александар Гечев, странските инвеститори Виктор Мизо, Сашко Самарџиоски и Анатол Кутревски ќе добијат регионални функции, образованието проф. д-р Марјан Бојаџиев, регионалната соработка Ирена Јакимовска, Глигор Цветанов ќе го предводи „Клубот Европа“, во кој заедно ќе членуваат сите амбасадори на ЕУ во Македонија и 15-ина наши врвни бизнисмени, а Зоран Милковски „Гранит“ ќе се погрижи за инфраструктурата. Во централното управно тело меѓу другите седат Радош Вукичевиќ „Алкалоид“, Михајло Борозанов „Макпетрол“, Марија Дуковска-Павловска „Макстил“, Кастриот Арифи „Тиквеш“, Зоран Илиевски „Актива“, Снежана Савиќ-Димовска „Скопска Пивара“, Иван Бошковски „Фершпед“ како и двајца наши истакнати професори од младата генерација: Дарко Лазаров и Никица Мојсоска-Блажевски.

Новите лица се претставници на 150 фирми, кои во најголем дел го создаваат домашниот бруто-производ. Нашето активно учество во Коморскиот инвестициски форум во Трст продолжува, поткастот со „Трето уво“ исто така, како и соработката со медиумите, невладиниот сектор и со универзитетите.

Но, има и нови работи. На крајот на септември, едно попладне за време на Конгресот на европските кардиолози во Скопје, ќе биде резервирано за нивно дружење со македонските бизнисмени, кое ќе биде поврзано со срцевите слабости, кои претставуваат најголем процент од кардиоваскуларните заболувања во бизнис-заедницата.

Со УНДП ќе имаме два собира околу развојната стратегија, а со Pricewaterhouse околу семејните бизниси, значењето на владините агенции за развој на бизнисот и како до ефикасен систем на субвенции во земјоделството, извозот, иновациите и вработувањето.

 

Се разбира, есенската сесија ќе ја отвориме со големата Конференција за градежништвото како гранка која мора да доживее напредок во наредниот период, ако сакаме било каков развој. Непланирано во фокусот се најде и прашањето за воената индустрија, кое како да доминира во Европа во моментов. Член 218 од Законот за извршување, холдингот, прашањата поврзани со сопственоста на капиталот, брзата гасификација, борбата против корупцијата и сивата економија се, исто така, теми кои ќе доминираат во нашата работа.

Активностите на регионален план започнуваат на 9 и 10 септември во Зеница каде има редовен регионален саем за нови технологии, а ќе се одржи и Управен одбор на Коморскиот инвестициски форум, и на 13 и 14 октомври во Тирана ќе се одржи Регионална инвестициона конференција на која ќе учествуваат премиерот на Албанија, Еди Рама, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, еврокомесарката Марта Кос и премиерите на шесте земји на Западен Балкан.
П.С. Овие сериозни активности на Комората не можат да ја остварат целта ако не бидат поддржани и од нашите најзначајни бизнисмени Мукаетов, Јосифовски, Костов, Гечев, Анѓушев, како и Јаневски, Поповски, Иле „Актива“, Петрушев, Ристо Јаневски, и најмладите Жаре Димитриоски, Александар Јанковски, Никола Андонов, Димитрије Здравкоски итн. СКСМ воведува и две новини поврзани со наградите кои се доделуваат при годишнините и активно ќе се вклучи во работата на Академијата за менаџмент и претприемаштво ПРОГРЕСИВ, која настана пред четири години на иницијатива на нашата истакната членка „Макпрогрес“, а од оваа година во неа се вклучуваат претседателот Азески, како претседател на Одборот на директори, и д-р Елена Милевска-Штрбевска, како оперативен менаџер.