„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

РАБОТНА СРЕДБА ВО КОМОРАТА СО ГУВЕРНЕРОТ ПРОФ. Д-Р ТРАЈКО СЛАВЕСКИ ВО СТОПАНСКАТА КОМОРА

22.07.2025

 Гувернерот на Народна банка на РСМ проф. д-р Трајко Славески, пред раководството, органите и телата на Стопанската комора предводена од претседателот Бранко Азески, за прв пат од неговото именување имаше работна средба со претставниците на бизнисот.

На средбата, претседателот Азески во улога на домаќин отвори повеќе прашања за кои надлежност има Народната банка од аспект на улогата за одржување на стабилноста на цените и девизниот курс, но и да води сметка за економскиот развој на државата. Укажа и дека за бизнисот сѐ уште клучни проблеми се борбата против корупцијата, сложените банкарски процедури за граѓаните и за компаниите, транспарентноста која изостанува во делот на информациите за државната помош со странските инвеститори, за стоковните резерви, за девизните резерви.

Во своето обраќање гувернерот проф. д-р Славески пред присутните посочи дека девизните резерви моментно изнесуваат 4,6 – 4,7 милијарди евра што е сосема комотна позиција за земјата, а покриваат околу 4,5 месечни вредности на увозот додека светскиот стандард што се препорачува е 3 – 3,5.

На работната средба гувернерот посочи и дека треба да се стремиме кон ниски стапки на инфлација и на среден рок надлежните институции треба да делуваат, инфлацијата да биде на ниво на она што е во еврозоната.

Гувернерот д-р Трајко Славески информираше дека одлуката на Советот на Народната банка за воведување на нова и поедноставена структура на надоместоци за користење на услугите на Македонскиот интербанкарски платен систем – МИПС, ќе стапи на сила на 1 август и истата ќе овозможи пониски трошоци за електронски плаќања и за граѓаните и за компаниите, со што Народната банка повторно испраќа јасна порака за поддршка на пошироките економски придобивки од достапни и ефикасни платни услуги. Во разговорот беше потенцирано дека стабилниот и конкурентен банкарски сектор е клучен за поддршка на стопанството, а Народната банка и натаму останува отворена за дијалог со деловната заедница со цел создавање на подобра економска клима и пристап до квалитетни финансиски услуги.

 
Од биографијата на проф. д-р. Трајко Славески

Професорот Славески е еден од ретките македонски економисти кои дел од своето академско образование го поминале во САД (на најпрестижниот Универзитет Харвард во 1989/90 година) изучувајќи ги базичните приниципи на пазарната економија во услови кога Македонија сè уште беше во претходниот економски систем и на тој начин се вбројува во ретките економисти кои имале најголема заслуга за пренесување на тоа академско искуство и знаење кај нас во периодот на економска транзиција низ која помина земјата во 90тите години.

Еден е од ретките македонски научници кој пред 30 години има публикувано научен труд во списание индексирано со фактор на влијание. И човек кој ја има воведено модерната макроекономија во нашиот високо образовен систем и бил креатор на нова академска програма за државна регулација која ги третира прашањата за односот помеѓу државата и бизнисот. Автор и коавтор е на повеќе книги, научни и стручни трудови и статии објавени во земјата и странство, учесник е на повеќе меѓународни научни конференции и симпозиуми.

Бил визитинг професор на Државниот Универзитет во Аризона во 1997 година и предавал на последипломскиот студиум на Националниот Универзитет во Атина, Грција

 

Со реализирање на работната средба во Комората, практично се потврдува воспоставената пракса, секој нов гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија првиот настап да го има на адресата на СКСМ, Димитрие Чуповски.