Претседателот на Клубот на извозници при Стопанската комора на Северна Македонија, проф. д-р Дарко Лазаров во колумна за специјалното издание "Мапа на производите" на InStore-Macedonia зборува за извозните перформанси и потенцијали на FMCG-индустријата и за потребата од поголеми инвестиции во градење на македонски брендови кои ќе бидат препознатливи на регионалните и глобалните пазари.
Тој посочува дека и покрај предизвиците на глобално ниво и падот на македонскиот извоз во 2024 година од 6.5%, компаниите од FMCG-секторот бележат значителен раст на извозот во истиот период. Речиси сите сектори бележат значаен раст на извозот: месната индустрија (18%), млечната индустрија (34%), зеленчук и овошје (11%), секторот на пијалоци (5%), тутун и производи од тутун (11%), како и секторот фармација кој бележи раст од 13%. Има зголемување и во одредени сегменти на кондиторската индустрија, како и индустријата за здрава храна.
Професорот Лазаров потенцира дека е потребно градење на системски и координиран пристап на сите чинители во извозниот еко-систем во земјата во насока на искористување на извозните потенцијали на FMCG-индустријата преку поголема извозна промоција која подразбира учество на меѓународни саеми и Б2Б настани, поголема маркетинг активност со цел градење на нови и зајакнување на позиции на македонските брендови на регионалните и меѓународните пазари.
Стопанската комора на Северна Македонија во изминаиот период работеше на градење сериозен институционален капацитет со цел поддршка на македонските извозни компании, вклучувајќи ги и компаниите од FMCG секторот.
Новиот концепт за извоз на Комората е базиран на три меѓусебно поврзани столбови:
1) Националниот совет за извоз како платформа за јавно-приватен дијалог за прашања поврзани со извозот во кои членуваат високи претставници на Владата на РСМ и претставници на најуспешните извозни компании;
2) Клубот на извозници како оперативно тело за поддршка на извозните компании во кое членуваат повеќе од 250 извозно ориентирани компании од различни сектори и дејности;
3) Институтот за извоз како специјализирано тело за испорачување на едукативни и аналитички услуги за компаниите од домашни и странски експерти.