„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ИЗИИС- 60 години Извонредност

28.05.2025

 На 27.05.2025 година во Македонската филхармонија во Скопје беше одржана Свечена академија по повод 60-годишнината од основањето на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

 На настанот на кој свои обраќања имаа проф д-р Игор Ѓорѓиев, директорот на ИЗИИС, проф.д-р Биљана Ангелова, ректор на УКИМ и проф.д-р Весна Јаневска, министер за образование, во име на Стопанската комора на Северна Македонија присуствуваше д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, советник на претседателот на Комората за инфраструктура и економски развој.

На настанот на кој присуствуваа голем број претставници од домашни и странски институции, вработени на ИЗИИС како и соработници и партнерски институции, се обрати и заменик претседателот на Еврпоската асоцијација на земјотресно инженерство-ЕАЕЕ, проф.д-р Киријазис Питилакис, беа доделени и благодарници за соработка и партнерство а беше и промовирана Монографијата по повод 60 годишнината од нивното постоење.

Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија е научноистражувачка и високообразовна установа како единица во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Институтот врши високообразовна дејност од втор и трет циклус студии, научноистражувачка и применувачка дејност во научноистражувачкото подрачје земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, како и во сите научни полиња што се во врска со основната дејност на Институтот.

Од своето основање во 1965 година, дејностите на ИЗИИС се во насока на намалување на ризиците од катастрофи односно заштитата на населението и добрата, намалување на физичките и економските штети и заштита на социо-економските системи од дејството на земјотресите, но и од другите природни опасности. Сите активности на ИЗИИС се во доменот на подготовка на системот, припрема на конзистентна легислатива, создавање на високо професионални човечки ресурси и градење на капацитети за сеизмички сигурно општество. 

Своите стратешки цели ИЗИИС ги реализира со:

·  Унапредување на науката, образованието и применувачката дејност во областа на земјотресното инженерство и инженерската сеизмологија преку интегрирање на знаењата и искуствата во високо образовните студиски програми на втор и трет циклус, како и преку реализација на научни и проекти од применетата дејност,

·  Придонес кон создавање на општество подготвено за справување со катастрофи и ублажување на настанатите последици, како и поттикнување на политики за градење на капацитети во областа на науката, технологијата и иновациите, директно подигање на нивото на подготвеност на населението во услови на природни катастрофи и создавање на околина во која ќе се развива, усвојува и имплеменира законска регулатива, како превенција за намалување на ризиците до прифатливи, на национално и регионално ниво,

·   Развивање на соработка со меѓународни академски и научни заедници и организации, институции за управување со кризи, како и со медиумите, со што значајно се придонесува кон градење на култура за ефикасно справување со природните катастрофи и последиците од нив,

·  Создавање на регионални и меѓународни партнерства и мрежи за собирање и размена на податоци за природните опасности и нивна директна примена во намалување и контролата на ризиците.

·    Создавање на регионални и меѓународни партнерства со градежната индустрија за директна примена на резултатите од истражувањата во градежниот сектор,

·  Размена на знаења и искуства помеѓу академски и научни институции, организирање на обуки за истражувачи и инженери во областа на земјотресното инженерство и инженерската сеизмологија, како и создавање на интердисциплинарни платформи за унапредување на управувањето со ризиците од катастрофи со учество на истражувачи од природните, општествените и други науки.

ИЗИИС претставува столб на инженерската наука и синоним за безбедност, извонредност и меѓународна соработка.

Стопанската комора на Северна Македонија го честита 60-годишниот јубилеј на својата долгогодишна членка ИЗИИС која има важна улога во гарантирањето на инфраструктурната стабилност и сигурност, а со тоа и на безбедноста на граѓаните и и посакува во наредниот период преку меѓусебна соработка, поддршка и партнерство остварување на зацртаните цели.