„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
26.05.2025
Клубот на извозници при Стопанската комора на Северна Македонија продолжува со имплементација на активности за извозна промоција на македонските компании и производи. Имено, осум македонски компании од земјоделско-прехранбениот сектор во организација на Клубот на извозници, а со поддршка од Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство на РСМ учествуваа на меѓународниот “Новосадски саем за земјоделство 2025”, што се одржа во Нови Сад, Р.Србија во периодот од 17-22 мај 2025 година.
На саемот како изложувачи учествуваа следните компании: 1) „Кораб Трница“-Маврово и Ростуше, 2) „Риал Агро“-Кочани“, 3) „Екозрно“-Кочани, 4) „Техноалат комерц“-Гевгелија, Штип, 5) „Даниво“-Кочани 6) „Евал“-Скопје, 7) „Нутрико“-Скопје и 8) „Билкилајф“-Скопје.
“Новосадскиот саем” претставува еден од најголемите саеми во Европа во областа на земјоделството кадешто учество земаа над 1.200 претставници од агробизнисот, и тоа од Србија и 40 други земји. На саемот беа претставени најновите техничко-технолошки достигнувања во земјоделството, примената на науката во земјоделството, изложби на органска храна, како и производи со географски ознаки, најсовремени земјоделски машини, производи и услуги.
Саемот беше исклучителна можност за домашните извозни компании да ја претстават и промовираат својата палета на производи и да воспостават трговски и бизнис релации со потенцијални партнери и купувачи од повеќе земји. Како дел од програмата на саемот беа организирани тркалезни маси, обуки и презентации со цел вмрежување и поврзување на компаниите, каде што беа презентирани можностите за извоз, трендови на производство и маркетинг, како и успешни студии.
Потребата за поддршка на македонските компании во доменот на извозна промоција не само што е препознаена од Комората, туку веќе и со конкретни чекори преку Клубот на извозници се реализира со учество на меѓународни саеми, но и други форми на извозна промоција на компаниите како единствен начин за зголемување на видливоста и препознатливоста на нашите производи и брендови на странските пазари.