„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Најавените инвестиции во инфраструктурата се перспектива за градежниот сектор – медиумско гостување на Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво, индустријата на градежни материјали и неметалите

23.05.2025

 „Секоја инвестиција во инфраструктурата, особено кога станува збор за капитални проекти од поголем обем каков што е најавениот стратешки договор со Обединетото Кралство, кој предвидува финансиска поддршка во форма на заем во износ од 2,2 милијарди евра,  претставува директен придонес за градежниот сектор, за економскиот раст и за подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните,“ изјави Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора гостувајќи во повеќе медиуми (МТВ, Алфат ТВ, 24 вести).

Истакна дека проекти од обем како што е изградбата на железничка инфраструктура по должината на коридорот 10 (еден од најзначајните капитални проекти во државава) имаат долгорочна вредност бидејќи железничката инфраструктура се гради еднаш во 30 до 50 години, а користа од неа е трајна. Серафимовски вели дека градежните компании губат многу во своето портфолио со тоа што не се ангажираат како изведувачи на вакви капитални објекти. Пример за тоа се и пругата Куманово – Бељаковце и делницата до Крива Паланка, која ја изведуваат странски компании, иако постои потенцијал и интерес кај домашните изведувачи. Сепак, поддржува странски ангажман доколку и македонските фирми бидат дел од изведбата, со што ќе се обезбеди пренос на знаење и градење домашни капацитети, но и потенцијал за раст на учеството во БДП од страна на секторот, кој пред десетина години учествувал со 7,1 % во домашниот бруто-производ, а последниве години тој процент не надминува 5,5 % во просек.

„Поддршката преку локалната самоуправа и преку унгарскиот кредит веќе внесе позитивен импулс, но административните и правни слабости кај општините го забавуваат објавувањето на тендерите. Затоа инвестициите во железничката инфраструктура и изградбата на здравствени капацитети се очекува да дадат дополнителна инјекција за секторот. Најголем предизвик денес е задржувањето на стручниот инженерски кадар. Ваквите капитални проекти ќе ни овозможат да го задржиме и да го вклучиме тој кадар во реални, долгорочни проекти,“ заклучи претседателот на Здружението за градежништво.

Линк до гостувањата на Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво, индустријата на градежни материјали и неметалите во медиумите:

 

 play.mrt.com.mk/play/584995