„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
23.05.2025
Работната средба на претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, со тим од истакнати бизнисмени членки на Комората и министерката за финансии во Владата на РСМ Гордана Димитриеска Кочоска, беше една од редовните средби кои бизнис заедницата ги реализира континуирано со министерството. Предмет на разговори беа актуелни теми кои се од интерес за стопанството, за креирање ставови и политики за важни прашања во деловниот амбиент, во услови на глобалните геополитички случувања кои имаат влијание врз економската активност и предвидливост во бизнисот.
Претседателот Азески посочи дека, за Комората приоритет останува преку јавно приватен дијалог да има комуникација со стопанствениците, а бизнисмените и Комората да бидат вклучени во креирање на ставови и анализи за економските состојби. За Комората клучни остануваат прашањата за извозот, гасификацијата, сивата економија, подигнување на степенот на експедитивност на администрацијата, и дефинирање на модалитетот на процесот на враќање на средствата од солидарниот данок за кој Уставниот суд донесе одлука дека во рок од најмногу пет години треба да се врати на компаниите. Азески укажа дека пет години е исклучително долг период, имајќи во предвид дека фирмите пак имаа многу краток рок во кој требаше да ги исплатат парите во буџетот.
За Комората е од особено значање за претстојните најавени инвестициски активности од меѓународни донатори, македонските компании да бидат ангажирани во што поголем процент бидејќи само така може да се градат деловни субјекти кои ќе треба во следниот период да станат конкурентни и да излезат и на регионалниот пазар но и пошироко да освојуваат трети пазари.
Претседателот на СКСМ, изрази задоволство од реализацијата на унгарскиот заем наменет за компаниите и дека тој ќе се спроведе како што било планирано, а потенцираше и дека бизнис заедницата е задоволна од она што го презема Владата, но дека тоа оди со побавно темпо.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочсока, на средба во Стопанската комора на Северна Македонија најави намалување на царинските стапки за околу 70 производи, главно репроматеријали и суровини. Како што истакна, во владина процедура е предлог законско решение со кое ќе се намалат царинските стапки на повеќе производи, со што ќе се овозможи компаниите повеќе да произведуваат и повеќе да извезуваат. Намалувањето на стапката за 50% од производите се очекува да се применува од 1 јули 2025 година“. За Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, наведе дека станува збор за 5 милијарди фунти кои ќе може да се повлекуваат во наредните 10 години, а повлекувањето ќе се одвива врз основа на готови проекти. Средствата за финансирање ќе се бараат откако ќе има готов проект и дека условите ќе зависат од рокот на отплата, но при изборот ќе се користи изворот кој ќе даде најповолни услови.