„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Наградени најуспешните жени менаџерки за 2025: Чупаркоска од „Кожувчанка“, доскорешен член на УО и Клинчарова од „Делта ИНС Брокер“, претседател на Групацијата на осигурително брокерски друштва

18.05.2025

Агенцијата „Марили“ на 29-тото издание на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ 2025 година меѓу останатите додели признанија за најуспешни жени и на неколку менаџерки-членки на Стопанската комора на Северна Македонија

 Агенцијата „Марили“ , на 17.05.2025 година во Скопје, традиционално, по 29-ти пат ги награди најуспешните жени менаџери од земјава и регионот. На манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ за лауреатки беа прогласени менаџерки кои оставиле длабок печат со својата работа и труд, сите препорачани од нивни колеги и соработници, а кои доаѓаат од приватниот сектор од различни области и дејности. Годинава 13 менаџерки беа наградени односно добија  статуетка „Жена водилка“. Од нив 11 се менаџерки од Р.С. Македонија, една од Р.Србија и една од  Р.Хрватска. Меѓу наградените се и Јанинка Чупаркоска, генерален менаџер на „КОЖУВЧАНКА“ ДОО Кавадарци и досегашен член на УО на Стопанската комора како и покровител на Комората и д-р Оливера Клинчарова, претседател на Одборот на директори на „Делта ИНС Брокер АД Скопје и претседател на Групацијата на осигурително брокерски друштва при Стопанската комора.

Лидија Трипуноска, генерален менаџер на агенција „Марили“ и организатор на настанот, пред присутни истакна дека целта на манифестацијата, покрај ревијалниот карактер е,  поттик за идните млади генерации, особено девојки да веруваат во себе и личниот успех.

„Да се охрабрат, да веруваат во себе, и со знаење, постојано надградување и чесност да чекорат бодро низ сите животни предизвици и да успеваат на сите полиња. Секако, нивната борба за родова рамноправност во општетсвото и бизнисот да им биде водилка низ животниот век  и да бидат пример и поттик за генарациите кои доаѓаат по нив“, истакна Трипуноска.

Д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија беше прогласена за најуспежна жена менаџер, лауреатка за 2024 година.
“Наградата ми претставува и мотив да бидам уште поуспешна во периодот кој доаѓа но истата нека биде и поттик за сите жени и девојки кои упорно работат, не се откажуваат и учат. Клучното оружје на секој човек е знаењето, па затоа никогаш не престанувајте да се едуцирате, бидете самоуверени и самопочитувајте се но почитувајте ги и сите останати околу вас. Неопходен е баланс и огромна поддршка од семејството за постигнување одлични резултати. Често ја користам изреката на Роберт Куок, еден од најбогатите луѓе во Малезија кој кажува никогаш да не бидеме алчни, да не ги користеме другите а да ги искористиме сите можности кои ни се нудат. Јас на ова додавам и да бидеме принципиелни, секој нареден ден да бидеме подобри од претходниот, да имаме емпатија кон останатите и сѐ што правиме одејќи кон крајната цел и замисла да го правиме не заради личен интерес туку заради поширока добробит”, рече на доделувањето на наградите за 2024 година Георгиева Јовевска.
Стопанската комора на Северна Македонија и Агенција “Марили” соработуваат на полето на вмрежување, поттикнување, едукација и сл. Во 2024-та година за прв пат а на иницијатива на двете институции, наградените жени менаџерки имаат чест и задоволство да бидат примени од претседател на државава, односно свечениот прием беше кај претседателката на РСМ, Гордана Силјановска Давкова.
Манифестацијата години наназад претставува јакнење на женското претприемништво и лидерство, особено во застапеноста на жените на лидерски и одлучувачки позиции, нешто на што треба континуирано да се работи. Манифестацијата „Избор на најуспешни жени“ преку својот Марили Бизнис Клуб спојува над 150 жени менаџери кои соработуваат, се вмежуваат, охрабруват, организираат хуманитарни настани, но и ги поттикнуваат младите девојки и жени да влезат и да се остварат во бизнис сферата. Годинава, на работниот дел на „Марили Бизнис Форумот“ кој беше посветен на туризмот се обратија високи претставници од домашни институции а на свечениот дел од манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ за овогодинешни лауреатки беа прогласени: Анита Атанасовска, генерален менаџер на „Супериор Лукс“, Скопје, Стевка Василева, генерален менаџер на ПЗУ „Д-р Александар и д-р Методи Белушкови“ Радовиш, м-р Дафинка Ивановска, извршен менаџер и Рубинов директор вотианДе“„Ревитал Козметикс“ Скопје, д-р Оливера Клинчарова, претседател на Одбор на директори на „Делта ИНС Брокер АД Скопје“ и претседател на групацијата на осигурително брокерски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија, д-р Даниела Михајловска, генерален менаџер на „Дајмонд Дентал и Естетик Центар“ Скопје и Гостивар, Елена Лотеска Наумовска, генерален менаџе на „Брод Армада“ Охрид, д-р Маја Петаноска, бренд менаџер и косопственик на ДПТУ „ДЕРМАЕСТЕТИКА“ ДОО Скопје, м-р Ирена Миновска – Пехливанова, стратегиски менаџер во „Авто-Мото Сојуз на Македонија“ – АМСМ, Арзијана Фејзи, менаџер за правни работи во „Рамацоти Фуд“ Гостивар, Јанинка Чупаркоска, генерален менаџер на „КОЖУВЧАНКА“ ДОО Кавадарци, проф. д-р Јана Манева – Чупоска, визуелен уметник, претседател на ДЛУМ, м-р Барбара Оленик Станичиќ, директор на сектор за човечки ресурси во Јадран д.д, Цриквеница, Р. Хрватска, Слободанка Цока Стевиќ, генерален менаџер и сопственик на ТА „Кондор ТИС“ Лозница, Р. Србија.