„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
06.05.2025
Во интервју за порталот Фактор, д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, одговорно лице во Стопанската комора на Северна Македонија за инфраструктура и економски развој, говори за продлабочената соработка со „Бехтел и Енка“, улогата на Здружението за градежништво, како и за значењето на Коморскиот проект 3И (инвестиции, извоз, инфраструктура) во насока на поддршка на структурната трансформација и индустриската модернизација на нашата економија.
Фактор: Георгиева Јовевска можете ли да ни кажете како и кога започна Вашата соработка со американско турскиот конзорциум “Бехтел и Енка”?
Георгиева-Јовевска: Поврзано со Вашето прашање, најнапред дозволете ми да потенцирам дека стратешките определби на Стопанската комора на Северна Македонија за зголемување на извозот, поддршката на извозните компании, регионалното поврзување и структурната трансформација и модерна индустријализација на македонската економија го наметнуваат темпото да реализираме активности и настани во рамките на Комората кои се во насока на поддршка и на тие таргети. Коморскиот проект 3И (поттикнување на инвестициите, на извозот и на инфраструктурата) како продолжение на нашиот проект за нов модел на економски раст, во следниот период потребно е да го добие заслуженото, приоритетно место. Нашата држава има големи потенцијали за развој на инфраструктурата: транспортната инфраструктура (која ги придвижува градежните активности и стимулира севкупен економски раст), инфраструктурата во енергетиката и секако гасификацијата.
На државата и е потребно изградба на квалитетна, сигурна, одржлива и отпорна инфраструктура, вклучително и регионална и прекугранична инфраструктура за поддршка на економскиот развој и човечката благосостојба, со фокус на достапна инфраструктура со правичен пристап за сите. До 2030 година потребно е да се подобри инфраструктурата и да се осовременат индустриите со цел да станат одржливи преку зголемена ефикасност во користењето на ресурсите и поголемо прифаќање на чисти еколошки технологии и индустриски процеси, и секако дека сите земји од регионот (Западен Балкан) треба да преземат мерки во согласност со своите способности.
Сега конкретно, дозволете ми да го споделам нашето партнерство и одличната комуникација со “Бехтел и Енка”.
Вредноста на овој крупен капитален проект не само за нашата држава туку и пошироко изнесува 1,3 милијарди евра, а вкупната должина на делниците опфатени со овие коридори е 111 километри.
И тогаш при потпишувањето на овој Договор и сега можеме со сигурност да кажеме дека сите се согласни дека овој инфраструктурен проект за нашата земја претставува еден од најзначајните и најголемите инфраструктурни проекти и дека преку силна градежна офанзива може да се дојде до изградба на модерна, квалитетна и безбедна патна мрежа. Договорот беше проектиран и значеше дека за пет години се очекуваат да се видат и првите ефекти од проектот, со кој се опфатени четирите автопатски делници. Планот беше дека за проектираниот период треба да заврши изградбата на Коридорот 8 кој се протега на должина од 68 километри со автопат со 6 ленти, а ќе ги поврзува Тетово со Гостивар, Кичево, Струга до Ќафасан. На Коридорот 10- треба да се изгради автопат со 6 ленти во должина од 40 километри, кој ќе го поврзе Прилеп со Битола.
Веднаш и по потпишувањето на Договорот со овој Конзорциум Стопанската комора на Северна Македонија излезе со став дека го поддржува овој значаен капитален проект а воедно инсистира во изведбата на работите од почеток до крај да бидат максимално вклучени македонските компании.
Стопанската комора на Северна Македонија набргу по потпишување на Договорот како и веднаш по отворањето на канцеларијата на “Бехтел и Енка” во Скопје стапи во контакт со раководството на овој Конзорциум и тие станаа партнери на Комората односно со нас како Комора се договорија дека заедно ќе работат во насока на градење партнерство со македонските компании. Стопанската комора на Северна Македонија веднаш одреди лице кое директно ќе соработува и комуницира со нив, а тоа бев јас и заедно со нашето Здружение за градежништво при Комората поставивме план и Агенда за работа. Така, уште на крајот од 2023 година со “Бехтел и Енка” направивме презентациии скоро во сите регионални комори кои Стопанската комора ги има низ државава (Скопје, Штип, Кавадарци, Битола, Прилеп.....) односно претставниците од „Бехтел и Енка“ пред вработените од нашите регионални канцеларии правеа презентации за методологијата за соработка со македонските компании и како можат македонските компании да се пријават за работа и да учествуваат во изведбата на работите со овој америкасно-туски конзорциум.
На сите средби во регионалните канцеларии предмет на дискусија посебно беа двете клучни теми. Првата, промоција на домашните компании при што Стопанската комора и нејзините членки и претставниците на „Бехтел и Енка“ се согласни дека интеграцијата на локалните ресурси и експертиза е од голема важност за успешно завршување на проектот. И втората клучна тема беа процесите на соработка односно постапките за учество на домашните компании во тендерските постапки и процеси на набавки.
На овие состаноци исто така Стопанската комора со „Бехтел и Енка“ разговараше за процедурите за подобрување на комуникациите и на транспарентноста во рамките на овие процеси, како и за надминување на потенцијалните бариери.
И тогаш и сега во комуникацијата и партнерството со „Бехтел и Енка“ тие потенцираат дека со завршувањето на експропријацијата ќе се отворат повеќе работни фронтови и повеќе можности за домашните компании. „Бехтел и Енка“ се посветени на создавањето услови за ефектно вклучување на домашните компании, со што ќе се овозможи поттик за локалната економија.
Сите активности кои досега ги направивме овозможуваат пошироко вклучување на локалните компании во изведбата на овој проект и истите се од национална и стратегиска важност.
Фактор: Дали од Конзорциумот побарале поддршка преку вас за обезбедување на работници за изведување на градежните зафати?
Георгиева Јовевска: На една средба минатата година меѓу раководствата од „Бехтел и Енка“ и Стопанската комора беше побарана и поддршка од нас во насока на обезбедување на работна сила која за целиот планиран период додека ќе трае реализација на проектот треба да достигне бројка од 4.000 работници (квалификуван кадар-инженери и сл. како и неквалификуван кадар-општи работници).
Ние како Комора на секој начин ја пружаме поддршката, дали преку повик до нашето членство, дали преку анимирање на компаниите, објави и организирање на одредени средби и слично. Ценам дека сме и ќе бидеме вистински партнери до целосно заокружување на проектните активности на „Бехтел и Енка“ и заедно на крај да бидеме горди. Само, уште еднаш потенцирам дека македoнските компании потребно е да бидат вклучени во целосна реализација на овие стратешки зафати, секако со својата екпертиза која ја имаат, со своето знаење, капацитет и неминовно преку исполнување на потребните стандарди и критериуми.
Фактор: Заокружување на таа неколкумесечна соработка и презентации беше одржаната средба пред некој ден во „Бехтел и Енка“ во кампусот во Гостивар. Како помина оваа средба и кои се вашите планови за во иднина?
Георгиева Јовевска: Токму така, пред некој ден односно на 29 април 2025 година, во кампот на „Бехтел и Енка“ во Гостивар, се одржа значајна средба помеѓу менаџментот на компанијата и домашните компании членки на Здружението на градежнишво при Стопанската комора на Северна Македонија. Овој настан, организиран во рамки на соработката помеѓу Бехтел ЕНКА и Стопанската комора, имаше за цел да ја продлабочи соработката и да овозможи поголема вклученост на домашните градежни компании во реализацијата на Коридорите 8 и 10д — два од најзначајните инфраструктурни проекти во земјата и поширокиот регион.
Џош Бејкер, проектен менаџер во Бехтел ЕНКА, на средбата изрази благодарност за конструктивната соработка со Комората и за силниот интерес од домашните компании. Тој истакна дека моментално околу 60 проценти од снабдувачите на проектот се локални, како и повеќе од 90 отсто од подизведувачите, со цел дополнително да се зголеми ова учество. Тој потенцираше дека со нетрпение очекуваат да изградат длабоки и соработувачки партнерства со домашните компании и да работиме заедно за постигнување на највисоки стандарди за безбедност и квалитет. Тој исто така потенцираше дека и покрај почетните доцнења поради експропријацијата, градежните активности на делниците Гостивар–Букојчани и Прилеп–Битола напредуваат стабилно, а делницата Тетово–Гостивар е во фаза на засилено активирање. Џош Бејкер на средбата со македонските градежни компании апотрофираше и дека повеќе од 35 години, „Бехтел и Енка“ успешно реализира автопатски проекти низ Балканот, благодарение на силната соработка меѓу нашите директно вработени тимови и подизведувачите, од кои поголемиот дел се од локалниот пазар во кој работат и според него овој модел на партнерство – изграден врз тимска работа, взаемно учење и заедничка посветеност – е клучот за нивниот успех. Исто така и во овој нивен тековен проект го продолжуваат овој пристап, и веќе гледаат ветувачки резултати во областите каде што се вклучиле подизведувачи. Менаџерите од „Бехтел и Енка“ на средбата со повеќе од 30 претставници од македонските градежни компании нагласија дека обединетото залагање е суштинско за постигнување на највисоките стандарди низ целиот проект а сите се согласни дека колку повеќе локални компании се приклучат, толку посилен ќе биде овој проект.
Исто така, на оваа средба во Гостивар техничките менаџери на „Бехтел и Енка“ за подизведување, земјени работи, структури, карпи и постројки ги презентираа процедурите и можностите за регистрација и квалификација на домашните компании, охрабрувајќи ги активно да аплицираат за наредните можности.
Ние како Комора уште еднаш и на оваа средба ја потенциравме подготвеноста и капацитетот на македонските компании во вклучување на овие значајни инфраструктурни проекти бидејќи нашите компании имаат децении искуство, и дома и во странство а исто така и дека веруваме во заеднички настап – обединување на домашната експертиза со меѓународните стандарди.
Стопанската комора на Северна Македонија ја потврдува посветеноста за своите членки и ги повикува и сега сите заинтересирани компании да не’ контактираат за помош и ресурси поврзани со ангажманот на проектот. Морам да истакнам дека веднаш по завршување на средбата имаше вмрежување меѓу македонските компании и менаџерите од „Бехтел и Енка“ и дека нашите фирми упатуваа благодарност до Комората и Здружението за градежништво за организирање на вакви средби и во иднина со цел поблиску запознавање, претставување со условите и критеритумите како и можностите за аплицирање на тендерите и работите.
Бехтел-Енка во регионот има реализирано проекти за изградба на автопатишта во Албанија, Косово, Србија, Хрватска, Турција и Романија. Заедно, Бехтел-Енка имаат изградено повеќе од 28.000 километри автопати и патишта, 100 тунели и 26 големи мостови. Сакаме да покажеме дека македонските компании се вистински партнери во реализација на овој најголем до сега за нас инфраструктурен проект и сакаме со тоа да покажеме дека заедно можеме да ја придвижиме економијата и да создадеме подобри услови за работа и живеење во Македонија.
Фактор: Дали имате сознанија во бројка колку од македонските компании во моментот работат со Конзорциумот „Бехтел и Енка“? Која компанија пример или компании го имаат изградено кампот на „Бехтел и Енка“ во Гостивар?
Георгиева Јовевска: Според комуникацијата со Конзорциумот, целта на „Бехтел и Енка“ е да ги вгради проектите Коридор 8 и Коридор 10д во домашниот пазар. Според нив, со 348 добавувачи се домашни компании, што претставува повеќе од 60 отсто од добавувачите на „Бехтел и Енка“, и околу 93 проценти од подизведувачите, односно 109 компании, исто така од домашниот пазар, „Бехтел и Енка“ има за цел да соработува со уште повеќе локални компании. Според овие бројки, нивната соработка оди во тој правец, што повеќе домашни компании да бидат вклучени во нивните зафати.
Фактор: Дали во моментов „Бехтел и Енка“ има недостатот на работна сила и колку од работниците се од Македонија а колку се странци?
Георгиева Јовевска: Според информациите од нашиот партнер Конзорциумот „Бехтел и Енка“ тие активно бараат повеќе локална работна сила. Во моментов 1.700 лица работат на проектот, од кои 52 отсто се локални, од околните села и градови.