„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
02.05.2025
Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, присуствуваше на свечената прослава по повод 50-годишнината од основањето на Градежен институт МАКЕДОНИЈА АД Скопје (ГИМ).
Настанот, на кој присуствуваа бројни гости од бизнис-заедницата, беше можност за осврт на достигнатото на компанијата, но и за најави на нови партнерства и развојни планови. Претседателот Азески со своето присуство ја нагласи вредноста на придонесот што ГИМ го дава како долгогодишна и активна членка на Стопанската комора, со континуирано залагање за унапредување на професионалните стандарди и развој на македонската градежна индустрија.
Во текот на своето петдецениско постоење, ГИМ се разви во модерен и комплексен деловен систем, со силна техничка експертиза и организациска структура што одговара на највисоките професионални критериуми. Денес, компанијата е препознаена не само како лидер на домашниот пазар, туку и како значаен регионален играч, со подружници во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија, а од неодамна и Романија.
ГИМ е долгогодишна и активна членка на Стопанската комора, со важна улога во унапредувањето на професионалните стандарди и економскиот амбиент во земјата. Како компанија што успешно ги комбинира традицијата и иновацијата, таа останува сигурен партнер за најсложени градежни проекти и двигател на развојот во регионот.