„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Најново од комората

Од иницијатива до реализација: започна MicroBalkans 2026 – Регионална платформа за подобар пристап до финансии

24.09.2026

| Новости

Во Скопје започна третата регионална конференција MicroBalkans 2026 со слоганот Lending Reimagined, посветена на иднината на кредитирањето, микрофинансирањето и новите модели на финансирање (24.09.2026).

Главни организатори на конференцијата се Стопанската комора на Северна Македонија и Асоцијацијата на небанкарски финансиски институции, во партнерство со македонскиот конзорциум на Европската мрежа на претприемништво – ЕЕНОМА и Европскиот дигитален иновациски хаб – ДИГИТМАК. Настанот е дел од активностите за подобар Пристап до финансии (Access to Finance) и дигитална трансформација наменети за МСП,(Digitalization for SME’s) со цел да се обезбеди подобро информирање за постојните можности за финансирање на пазарот.

На конференцијата присуствуваа над 200 претставници од финансискиот сектор, инвеститори, финтек компании, регулатори и деловната заедница од регионот на Западен Балкан и Европа.

Настанот го отвори Никола Јошевски, претседател на Групацијата на небанкарски финансиски институции при Стопанската комора на Северна Македонија, и порача дека главното прашање повеќе не е дали кредитирањето се менува, туку како таа промена ќе се обликува во корист на клиентите и економијата.

„Иднината на кредитирањето не е само да кредитираме повеќе, туку да кредитираме подобро – со технологија, одговорност и поголема доверба кај клиентите,“ изјави Јошевски.

Свое обраќање имаше и претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, кој истакна дека пристапот до финансии е прашање на конкурентност и дека компаниите мора да добијат решенија што ќе им овозможат раст, инвестиции и поширока регионална присутност:

„На бизнисот му требаат решенија, а не бариери. Потребен ни е поширок финансиски екосистем што ќе им даде на компаниите поголем избор, поголема флексибилност и повеќе можности,“ порача Азески.

Mинистерот за дигитална трансформација на Република Северна Македонија Стефан Андоновски во рамки на своето обраќање во воведната церемонија посочи дека „Дигиталната трансформација и финансиската иновација мора да се движат заедно. Само со сигурна дигитална инфраструктура, јасни правила и доверба можеме да создадеме побрзи, подостапни и поефикасни финансиски услуги за граѓаните, компаниите и економијата.“

Гувернерот на Народната банка на Република Северна Македонија, проф. д-р Трајко Славески, во своето обраќање порача дека наша заедничка задача е да создадеме финансиски систем кој ќе биде отворен за иновации, но истовремено стабилен, одговорен и насочен кон заштита на граѓаните. Само така кредитирањето може да стане вистински двигател на економскиот раст, довербата и подобриот пристап до финансии за сите.

Клучните пораки кои беа пренесени низ панел дискусиите на првиот ден од конференцијата беа:
  • Финансирањето треба да стигне до оние на кои им е најпотребно.
  • Технологијата треба да го направи кредитирањето побрзо, поедноставно и посигурно.
  • Подобриот пристап до капитал отвора нови можности за МСП.
  • Иднината е во одговорно и одржливо кредитирање што создава вредност за граѓаните и економијата.
Дискусијата од првиот ден покажа дека прашањето повеќе не е дали кредитирањето ќе се промени, туку како тоа да се осигури дека промената ќе донесе поголема вредност за луѓето, бизнисите и економијата и како да создадеме финансиски систем што ќе биде побрз и поинклузивен, но истовремено и одговорен, сигурен и одржлив.
MicroBalkans 2026 продолжува на 25 септември, со дискусии за регулаторната рамка, дигиталната трансформација, одговорното управување со наплатата и можностите за развој на финансискиот сектор во регионот.
Со поддршката од Стопанската комора на Северна Македонија и Асоцијацијата на небанкарски финансиски институции во рамки на Комората, преку европските проекти ЕЕНОМА и ДИГИТМАК, конференцијата на MicroBalkans 2026, се позиционира како клучна платформа за регионална соработка и иновации во финансискиот и дигиталниот свет, носејќи нови перспективи за развој и конкурентност на македонските и европските претпријатија.