„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од добри преговори до конкретни зделки

15.09.2026

| Новости

Успешно реализиран третиот циклус од Првата Балканска Академија за преговарање (Balkan Negotiation Academy - BNA)

Стопанската комора на Србија во јануари месец 2026 година објави информација дека за прв пат во регионот некоја институција ќе биде организатор и домаќин на ваков вид Академија која преку нов, специфичен и современ модел ќе настојува да ги зголеми вештините и менаџерските способности на нејзините учесници. Комората тогаш објави и дека учесници на оваа Академија ќе бидат претставници на високи позиции од коморите, фирмите, државните институции и сл. каде на еден модерен начин ќе бидат презентирани сите најнови трендови на полето на преговарање, донесување одлуки, решавање на конфликтни ситуации и тн. Комората информираше дека бројот на учесниците е ограничен со оглед на критериумите кои треба да се исполнат за учество на Академијата. Тогаш, претставник од Стопанската комора на Северна Македонија, д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, советник на претседателот за економски развој и инфраструктура, воедно лиценциран медијатор и лиценциран обучувач за медијатори поднесе апликација за учество и беше избрана како единствен учесник од нашата земја. Ова претставува додадена вредност за Стопанската комора за Северна Македонија.

Групата учесници на оваа обука која беше составена и од менаџери на големи домашни и странски фирми од Србија, претставници од приватни фирми и претставници од комори кои се занимаваат со бизнис, јавно-приватни и меѓународни иницијативи имаше можност да работи со водечки меѓународни експерти во областите на преговарање, меѓу кои беше Франческо Марки, меѓународно признат експерт чии области на специјализација вклучуваат сложени преговори, разрешување конфликти и стратешка фасилитација, директор за преговарачка експертиза во ALTERNEGO од Франција, предавач на Sciences Po и Сорбона, советник на институции на ЕУ и основач на Европската асоцијација на преговарачи (ENEA).
 

Зашто Стопанската комора на Србија ја дизајнираше а ние се приклучивме кон оваа програма?

Регионот на Западен Балкан е во период на значајни економски промени, нови инвестициски бранови и забрзано усогласување со стандардите на ЕУ. Во такви услови, способностите за изградба и одржување на доверба, ефикасен дијалог и успешно преговарање стануваат пресудни за одржлив развој на компаниите и јавните институции, а  всушност Balkan Negotiation Academy има за цел да ги зајакне токму тие компетенции преку:

• симулација на реални преговарачки ситуации,

• работа на конкретни примери од пракса,

• експертско водење и анализа на преговарачките процеси,

• применливи стратегии кои можат веднаш да се користат во работата.

Д-р Јелисавета Георгиева Јовевска учесник на оваа Академија: “Програмата на Балканската академија за преговарање беше дизајнирана со цел да ја зајакне преговарачката способност на клучните актери во земјите на Западниот Балкан, со акцент на бизнис лидерите и јавните функционери. Нејзините стратешки цели се да се подобрат индивидуалните и тимски преговарачки способности преку напредни алатки и методи за преговарање, активна комуникација, консензус и заедничко решавање на проблемите; Да се олесни стратешкиот дијалог помеѓу приватниот и јавниот сектор со цел да се стимулира взаемно разбирање и постигнување подобри економски перформанси, корисни за сите, културна хармонија, координирана акција и институционална поврзаност; Да се изгради трајна професионална мрежа на преговарачите и носителите на одлуки во цел Западен Балкан создавајќи заедничко место за споделување на добри практики, регионална соработка и долгорочна соработка со европските партнери”.
Програмата во рамките на Балканската академија за преговарање се реализираше во Белград во периодот од мај до септември 2026 година, во три дена, преку одржани 6 тематски модули во времетраење од 21 час.
Балканската академија за преговарање е структурирана програма за обучување, основана врз иновативната методологија "Highly Reliable Negotiation Framework (HRNF)*", која е насочена кон оспособување на учесниците:

- да ја подобрат својата способност во водење комплексни преговори,

- да развиваат сигурни преговарачки процеси и вештини за донесување на одлуки во услови на притисок и несигурност,

- да развијат конкретни алатки и техники кои се применливи во пракса,

- да станат дел од регионалната и европска професионална мрежа, вклучувајќи ја Европската асоцијација за преговарање (ENEA).

* Оваа преговарачка рамка-"Highly Reliable Negotiation Framework" (HRNF) претставува методологија за преговори, фокусирана на градење на систематичност и мерливост во целиот преговарачки процес. Таа ги води учесниците низ шест клучни, интегрирани фази: Дијагноза, Подготовка, Преговарање, Извршување, Оценка и Апликација, овозможувајќи им да ги предвидат ризиците, да ги исполнат договорите и да ги претворат преговорите во конкретни чекори со посакувана завршница. 

Д-р Франческо Марки е научник и практичар за преговори и автор на “Рамката за високо доверливи преговори”. Докторирал политички науки на Sciences Po Paris и предавал напредни преговори на постдипломски студии петнаесет години — како гостин-професор на College of Europe (Бриж) и како предавач на Sciences Po–PSIA и Универзитет Париз 1 Пантеон-Сорбона. Тој е медијатор акредитиран од CEDR ОД Лондон (Centre for Effective Dispute Resolution).

Неговото истражување ја преобликува преговарачката динамика како организациски систем на доверливост, потврден преку теренска студија на 500 професионалци. Тој е основач и претседател на Европската асоцијација за преговарање и научен претседател на Европската конференција за преговарање (ENEA) 2025 и 2026 година.

Дизајнирал програми за обука и консултирање за преговори за институциите на ЕУ (Европската комисија, Секретаријатот на Советот, ЕЕАС и Парламентот), како и за мултинационални компании од фармацевтската индустрија до приватните банки во повеќе од 20 земји.