„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Насловот на овој текст е парафразирана реченица од насловот на новата книга која ја објавивме со наслов - ДАЛИ АКО СЕ ПРИФАТЕА НЕКОИ ОД ПРЕДЛОЗИТЕ НА КОМОРАТА, МАКЕДОНИЈА ЌЕ ИЗГЛЕДАШЕ ПОИНАКУ?
Можеби ќе се запрашате зошто оваа книга, зошто сега ? Но и ние идејата за книгата ја добивме во еден момент кога самите себе се запрашавме.
До кога на ваков начин? До кога сето ова ќе трае?
До кога истите прашања? До кога истите одговори?
И тука почнуваме сериозно да размислуваме. Нашите размислувања се конципирани во оваа насока:
1. Дали човек може да оствари сè што ќе посака? - НЕ.
2. Дали човек може да не направи грешка? - НЕ.
3. Дали човек може да не ја признае својата грешка? - ДА.
4. Дали човек може да извлече поука од тоа? - ДА.
Ние сме такви луѓе - ги прифаќаме реалните ситуации, и тоа не прави различни од повеќето. Упорни сме да ги реализираме работите, за да се создаде амбиент што ќе резултира со позитивен исход. Во нашиот случај, тоа е во интерес на бизнисот, од чиј успех добиваат сите, и државата и граѓаните. Затоа, ова е порака, ваквиот концепт да се примени и да важи и за институцијата и за државата, но и за секој поединец во неа.
Со моите соработнички Даниела и Наташа, направивме сè во ова издание да го анализираме токму она што на прв поглед изгледа невозможно, а на Вас е како ќе го доживеете кога ќе го прочитате.
Ние овој проект кој освен книга има и видео материјал, тоа го направивме со срце, љубов и почит кон професијата и институцијата во која работиме. Употребивме сè што знаевме: и искуство, и документи, и сеќавања, и вештачка интелигенција, и дигитални вештини, и зелена енергија, циркуларна економија и "линеарна географија". И горди сме за нашиот придонес со ова дело.
П.С. Голема благодарност до сите што учествуваа во овој необичен проект – до бизнисмените кои на дневна основа придонесуваат и иницираат нови предлози, идеи, ставови; до експертите, домашни и странски, кои дадоа свој осврт на ставовите иницирани од Стопанската комора сите овие години наназад; до новинарите, кои нè поддржуваат несебично и заедно работиме на подобро утре; до „Кумов продукција“, која со најновите технолошки решенија (3Д анимации, вештачка интелигенција), подготви документиран видеосеријал, како би изгледала државата ако се прифатеа дел од предлозите на Комората; до вработените во Комората, кои континуирано и заеднички придонесуваат иницијативите на бизнисот да добијат свој епилог.
Длабоко извинување до сите што ќе се почувствуваат погодени од констатациите во книгата. Но и едно ветување од нас - дека со оваа реторичка книга отвораме нови страници и сме подготвени сите да придонесеме кон развојот на државата да се трансформираме и да се прилагодиме на новите времиња, во кои суетите ќе бидат заборавени, а одговорностите актуализирани.
И сè што е применето во проектот – и во книгата и во видео анимацијата со вештачка интелигенција и 3Д анимација - нека е предизвик за сите.