„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Нови инвестиции, нова регулатива, нови регионални иницијативи ....

15.06.2026

| Новости

Колумна на претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески

 Минатата недела како да се споија во ист период три-четири работи коишто ги работиме 10-тина години наназад.

I.                 Инвестициона платформа

1.     Премиерот на средбата во Комора со здружението за градежништво и потпретседателите на комората, званично обелодени дека од 1 септември ќе профункционира инвестициониот пакет на кој работиме веќе една година, како заедничко тело на Владата и Комората за забрзување на процесите. Станува збор за активности врзани за постојната изградба на автопатиштата низ Македонија, Кичево - Охрид, Прилеп – Битола, Гостивар – Кичево, автопатот према косовската граница и модернизација на повеќе патни правци;

2.     Отпочнување на изградбата на пругата од српската до грчката граница;

3.     Одржување и воведување на нови авио дестинации;

4.     Овие и приватните инвестиции на нашите компании и други локални проекти, треба да се стават во функција на бизнисот како основ и темел на неговиот развој и да бидат пробен балон за нашата спремност да бидеме дел од европското семејство.

 

II.               Вештини во високото образование

После успешната реформа со дуалното средно образование, конечно го отворивме и прашањето за вештините во високото образование. Тоа значи дека по донесувањето на законот за високо образование, активностите на бизнис заедницата, ќе се заокружи системот во кој конечно образованието ќе се стави во функција на бизнисот, и ќе се образува кадар потребен за остварување на неговата функција. Комората е спремна и кадровски и организационо да го поттикнува овој процес кој е од круцијално значење и ако не беа кризите во изминатиот период ќе беше централно прашање на нашето работење.

 

III.              Промена на регулатива

Промена на регулативата во јавните набавки, статистиката, законот за празници, исто така минатата недела го поминаа филтерот низ телата во Комората и набрзо ќе бидат испратени во Владата.

 
 

IV.             Меѓународни настани

Најавувам голема конференција во организација на УНДП, Владата и Стопанската комора на почетокот на месец јули, за одржливиот развој и исто таква конференција во ноември за односот на екологијата и индустрискиот развој.

 

V.               Коморски Инвестициски Форум

Продолжуваат нашите активности во Коморскиот Инвестициски Форум како основачи на ова значајно регионално тело, основано 2015 година во рамките на Берлинскиот процес предводено од Ангела Меркел со седиште во Трст, Италија, кое претставува 350.000 компании од Западен Балкан. По големиот број проекти за подигнување на институционалниот капацитет, заедничкиот настап на саемски манифестации, формирани конзорциуми во рамки на Регионалниот фонд на предизвици преку кој многу компании и партнерства за стручно образование и обука веќе имаат корист од модернизираните објекти, нова опрема и подобрени програми за обука, ова тело претставува основ за раздвижување и развој на земјите на ЗБ, но и институција која дава свое мислење за економските политики на ЕУ кон Западен Балкан.

 

VI.             Еурочемберс

Можам да најавам дека во Стопанската комора ќе дојде и претседателот на Асоцијацијата на Европските трговско индустриски комори – Еурочемберс, Владимир Длухи, кој на 2 јули ќе ја посети нашата комора и ќе разговараме за меѓусебната соработка. Еурочемберс е европска мрежа која претставува над 1.700 регионални и локални комори со над 20 милиони компании членки во Европа. Таа e првата бизнис-организација којшто е основана на европско ниво после потпишувањето на Римскиот договор, чија мисија е да ги поддржи коморите во промовирањето на европската интеграција во земјите-членки и да биде гласот на бизнисот кон институциите во ЕУ.

 

Сите овие активности се во функција на нашите компании, да ја зголемат својата иновативност, да го зголемат извозот и да произведуваат производи со додадена вредност. Тука мора да кажам и да оддадам признание на Владата на Република Македонија дека во последните два месеца сите билатерални владини посети ги направи заедно со бизнис делегации (Австрија, Унгарија, Хрватска, Турција, Швајцарија), и со тоа ни помогна да ги оствариме целите за кои сме основани.