„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Студенти од Германија во посета на Стопанската комора: Размена на искуства за дуалното високо образование

12.06.2026

| Новости

 Педесетина студенти од манхајмскиот кампус на Државниот дуален универзитет на Баден-Виртемберг, Германија (DHBW Mannheim - Duale Hochschule Baden-Württemberg), кои студираат Меѓународен бизнис, заедно со проф. д-р Мартин Корнмајер, ја посетија Стопанската комора во рамките на деветдневната студентска мобилност што се реализира преку програмата Еразмус+.

Целта на посетата на Стопанската комора беше размена на искуства во областа на дуалното образование во високообразовниот систем, како и запознавање на германските студентите со функционирањето на најстарата бизнис-организација во Македонија, улогата на бизнис-заедницата во креирањето на политиките во високото образование и можностите за водење бизнис во Македонија, како и стекнување идни потенцијални соработници и партнери. Германија е најзначајниот трговски партнер на Македонија и земја со која се остварува најголема надворешно –трговска размена.

Даниел Матраковски, експерт за меѓународна соработка во Комората, ја презентираше организациската структура, услугите што ги нуди Комората, како и нејзината регионална и меѓународна соработка. Тој се осврна и на трите стратешки приоритети на Комората: образование по мерка на бизнисот, извоз и регионална соработка.

М-р Наташа Јаневска, советник за образование, зборуваше за соработката помеѓу бизнис-заедницата и академската заедница, како и за новите реформи во високото образование што ги иницира и поддржува Стопанската комора. Во тој контекст беа претставени активностите за реализација на практична настава во компаниите, креирање заеднички студиски програми, воведување дуално образование во високото образование, изработка на дипломски, магистерски и докторски трудови во соработка со компаниите, како и примена на студии на случај во наставниот процес.

Искуствата што ги споделија студентите од Германија во однос на дуалното образование во високото образование и соработката што ја има универзитетот со компаниите  можат значително да придонесат во креирањето на македонскиот модел на дуално високо образование, особено во пресрет на подготовка на новиот Закон за високото образование.

Домаќин на посетата е Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со координаторот проф. д-р Радмил Поленковиќ. Во периодот од 4 до 13 јуни, студентите имаа можност да посетат повеќе компании, организации и институции со цел да се запознаат со образовниот систем, култура и историја на државата, функционирањето на администрацијата и бизнис-секторот.

Државниот дуален универзитет на Баден-Виртемберг претставува модел на високо образование кој ги интегрира академските студии и практичната обука во компаниите, односно нуди дуален систем на студирање. Ваквиот концепт е една од реформските насоки за кои се залага и Стопанската комора, но приспособен на македонската традиција, услови и на потребите на домашната економија.