„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од групациите

Одржан работен состанок помеѓу државната секретарка од Министерството за финансии Андриана Матлиоска и Претседателството на Групацијата на небанкарски финансиски друштва

18.05.2026

| Новости

  

На 14 мај во Министерството за финансии се одржа работен состанок помеѓу државната секретарка Андриана Матлиоска и Претседателството на Групацијата на небанкарски финансиски друштва предводено од Никола Јошевски. На состанокот беа дискутирани тековните предизвици со кои се соочуваат финансиските друштва, како и можностите за нивен понатамошен раст и развој.

 Регулаторот истакна дека во наредниот период ќе работи на унапредување на законската регулатива со цел да се создадат дополнителни можности за секторот во согласност со ЕУ директивите. Исто така, најави дека ќе продолжи со зајакнување на надзорната функција. Во изминатиот период Министерството за финансии спроведе повеќе вонтеренски и теренски контроли од кои се очекуваат резултати во следниве месеци.
 Двете страни се согласија дека рекламирањето на финансиските друштва мора да биде точно, транспарентно и целосно, без елементи кои можат да доведат до заблуда или да се базираат на игра на зборови. Утврдено е дека термините „продавници за пари“ и „брзи кредити“ ја нарушуваат репутацијата на целиот сектор и дека не треба да се користат во рекламите на финансиските друштва во иднина.
 Дополнително, беше заклучено дека е потребно да се унапреди професионалниот пристап во процесот на наплата на кредитите. Во таа насока, треба да се воспостават јасни стандарди за однесување и постапување на агенциите за наплата кон клиентите, преку прецизно дефинирани одредби во договорите. Со тоа значително ќе се подобри корисничкото искуство и третманот на клиентите.
 Претседателството на Групацијата го информираше регулаторот дека следната регионална МИКРОБАЛКАНС конференција ќе се одржи во Скопје од 24 до 26 септември 2026 година. Домаќин и организатор е Групацијата за небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора. Основната цел на конференцијата е да поттикне и поддржи развој на сеопфатен и инклузивен финансиски систем во регионот. Тоа подразбира подобрување на пристапот до финансирање за малите и средни претпријатија, проширување на дигиталните финансиски услуги и поттикнување на економскиот развој на Балканот.