„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Во организација на Регионалната комора со седиште во Битола и Ротари Клубот „Битола Широк Сокак“, на 27.04.2026 година, во просториите на КС Групација, се одржа 5-тиот годишен Бизнис форум Битола посветен на можностите за развој на извозот и унапредување на меѓународната економска соработка на локалните компании.
Овој настан беше посветен на една од најважните теми за развојот на Пелагонискиот регион, а тоа е поттикнувањето на извозот и интернационализацијата на компаниите, како еден од условите за економски просперитет.
Во услови на динамични економски промени и сè поголема глобална поврзаност, извозот претставува еден од најважните фактори за раст и развој на компаниите и економијата во целина. За локалните компании од регионот, излегувањето на странските пазари претставува значајна можност за зголемување на конкурентноста, проширување на деловните активности и создавање нови економски вредности.
На форумот учествуваа претставници на бизнис секторот, институциите и дипломатско-конзуларните претставништва, кои дискутираа за можностите за зголемување на извозот на компаниите од Пелагонискиот регион и за улогата на економската дипломатија во поддршка на домашните компании. Пелагонискиот регион располага со значителен потенцијал во повеќе економски сектори – индустрија, земјоделство и услуги. Сепак, за да се искористат овие потенцијали, потребна е силна соработка меѓу бизнис секторот, институциите и дипломатско-конзуларните претставништва, како и дополнителен развој на инфраструктурата. Токму затоа, денешниот форум имаше за цел да создаде платформа за дијалог, размена на искуства и отворање нови можности за економска соработка.
Во име на Регионалната комора со седиште во Битола, присутните ги поздрави и настанот го отвори, потпретседателот Олгица Стојчевска, која воедно е генерален директор на еден од најголемите производители и извозници во регионот, Свисслион Агроплод од Ресен.
Во рамки на настанот беше организирана едукативна сесија на која беа презентирани практични насоки за подготовка на компаниите за излез на странски пазари. На неа меѓу другото беше истакнато дека веќе не е прашање на избор дали некоја компанија е извозно ориентирана, туку дека секоја компанија треба да презема активности за подготовка и излез на меѓународниот пазар, бидејќи од тоа ќе и зависи растот, развојот и опстанокот.
Форумот беше заокружен со панел дискусија со претставници на конзуларните претставништва во Битола, на тема „Улогата на економската дипломатија и конзуларните претставништва во поддршка на извозот и развој на меѓународната економска соработка“.
Модераторите, Наташа Несторовска и м-р Никола Димковски, ги водеа панелистите низ сет на прашања од доменот на пазарниот потенцијал и извозните можности, условите за влез на странските пазари, улогата на конзулатите и економската дипломатија, како и надминување на бариерите при извоз.
Во име на локалната самоуправа, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, давајќи ја својата целосна и континуирана поддршка на овој вид настани и активностите на Комората, истакна дека токму извозот е клучот на развојот на Битола и регионот.
Дискусијата покажа дека потенцијалот постои, но успехот ќе зависи од целокупната наша способност за соработка, информираност и проактивност како општество.
Конзуларните претставништва се важен партнер, но клучниот чекор секогаш доаѓа од самите компании, нивната подготвеност да излезат надвор од комфорната зона и да се натпреваруваат на глобалниот пазар.
Како Регионална комора, веруваме дека ваквите настани претставуваат важен чекор кон создавање нови партнерства, нови бизнис можности и посилен економски развој на регионот.