„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Во Софија отворена Бугарско-македонска комора и одржан бизнис-форум

27.04.2026

| Новости

На 24.04.2026 година во Софија, Република Бугарија во Бугарската трговско-индустриска комора беше официјално отворена Бугарско-македонската комора. Воедно, на настанот на кој присуствуваа претставници од бизнис-заедниците од двете земји беше одржан бизнис-форум кој беше одлична можност за вмрежување и создавање повисоки облици на соработка.

На настанот присуствуваа заменик-министерот за економија и индустрија на Бугарија, Антон Костадинов, амбасадорката на Република Северна Македонија во Бугарија, Агнеса Руси-Поповска, потпретседателот на Бугарската трговско-индустриска комора, Васил Тодоров, потпретседателот и советник за економски развој и инфраструктура на Стопанската комора на Северна Македонија, д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, градоначалници и заменик-градоначалници од Југозападна Бугарија, претседателката на Македонско-бугарската стопанска комора, Билјана Митева, и претставници на компании од двете земји.

За претседател на Бугарско-македонската комора е избран Атанас Радев. Во своето обраќање Радев истакна дека со создавањето на комората се гради „темелот од бугарска страна на мостот“ меѓу двете земји, чија друга основа веќе е поставена од коморите од Северна Македонија. Заменик-министерот Антон Костадинов оцени дека „мостот меѓу Бугарија и Македонија е речиси целосно изграден“ и дека сега треба да се доразвијат и унапредуваат меѓусебните бизнис односи. Тој ја окарактеризира сегашната стоковна размена од 1,3 милијарди евра (согласно статистичките податоци од Бугарија) како „премала за потенцијалот на двете економии“ и ги посочи енергетиката, градежништвото, фармацијата, туризмот и земјоделството како сектори со голем потенцијал.

Амбасадорката Агнеса Руси-Поповска го поздрави отворањето на Бугарско-македонската комора како „јасен сигнал за обновена амбиција кон практичност и заемна посветеност“. Таа нагласи дека Бугарија е меѓу најзначајните трговски партнери на Северна Македонија и дека економските врски треба да се продлабочат преку взаемни инвестиции, индустриска соработка, иновации и заеднички инфраструктурни проекти „Треба да преминеме од трговска размена кон потесни меѓусебни односи“, истакна Руси-Поповска.

Потпретседателот и советникот за економски развој и инфраструктура во Стопанската комора на Северна Македонија, д-р Јелисавета Георгиева Јовевска нагласи дека компаниите од двете земји имаат воспоставено долгорочна соработка и дека од година во година истата се унапредува и секако дека стопанските комори од двете земји се тука да им помогнат на компаниите со цел пронаоѓање на деловен партнер, поврзување заради искористување на потенцијалите кои компаниите ги имаат како и поврзување во учество на заеднички регионални проекти и зајакнување на прекуграничната соработка. За нашата земја посебно е важна реализацијата на инфраструктурните проекти во рамките на Коридор 8 кој ќе го зголеми протокот на луѓе, производи и услуги и тоа не само меѓу двете земји туку и пошироко во регионот, подвлече Георгиева Јовевска.

Вкупната надворешно трговска размена за 2025 година меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, која за споменатиот период е 6-ти партнер во размената, според податоците на Државниот завод за статистика на РСМ изнесува 998 милиони евра,  при што извозот на македонски производи во Бугарија изнесува 458 милиони евра и бележи 4.5 % зголемување во споредба со 2024-та година, додека увозот од Бугарија во нашата земја изнесува 540 милиони евра.

Бугарските компании продолжуваат да покажуваат голем интерес, вклучително и интересот за инвестирање во Македонија во сектори како банкарство, металургија, технологии, комуникации, софтвер а исто така и во прехранбената индустрија и трговскиот сектор,. Активни се и компаниите од Северна Македонија во Бугрија, каде што исто така има инвестиции претежно во прехранбената индустрија и туризмот.