„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Претставени кариерните можности во секторот туризам и угостителство пред ученици од Охрид и од Струга

12.03.2026

| Актуелно

Стопанската комора на Северна Македонија изминатиот период активно се посвети на градење на капацитетите на здруженијата во рамките на Комората заради поголема вклученост во образовните процеси, со цел придонес во креирањето квалитетно и функционално стручно образование. Ваквата активност беше препознаена од проектот „Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е@мк“, со чија поддршка се поттикна реализација на повеќе активности кои водат до подигнување на капацитетите на коморскиот механизам за решавање на образовните предизвици на ниво на секторите. Во делот на Здружението за угостителство и туризам, членките иницираа реализација на настани кои ќе имаат цел промоција на секторот и поттикнување интерес меѓу деветтоодделенците, што ќе влијае врз зголемувањето на бројот на запишани ученици за квалификациите од овој сектор.

За таа цел, во организација на Стопанската комора, а со поддршка на Министерството за образование и наука и на претставници на угостителско-туристичкиот сектор од регионот, беше организирана посета на Регионалниот центар за стручно образование и обука на југозападниот регион „Ванчо Питошески“ во Охрид, каде што беа претставени успешни примери на угостителски и туристички работници, како и атрактивноста на занимавањето со угостителско-туристичката дејност, со цел зголемување на интересот на учениците за запишување во стручните училишта од дејноста или во регионалните центри за стручно образование и обука. Повеќе од 100 ученици од 7 училишта од Охридско-струшкиот Регион во текот на двата дена имаа прилика да се запознаат со можностите што ги нуди овој сектор, образовните профили што ги нуди училиштето, како и со можностите што ги отвора стручното образование за нивната иднина преку лични примери на стопанственици и менаџери на угостителски објекти кои ја граделе кариерата како ученици во РЦСОО „Ванчо Питошески“.
Туризмот како глобална активност се вбројува меѓу најмоќните генератори на развој во светот, а придобивката од него е повеќекратна – од вработување на локалното население, па сѐ до приходите што ги остварува. На европскиот туристички пазар Македонија е позиционирана како посебна и атрактивна туристичка дестинација. Земјата се одликува со значајни природни и антропогени фактори, кои придонесуваат за развој на туризмот и на неговите алтернативни форми. Овој сектор е еден од најперспективните не само за нашиот југозападен регион, туку и за целата држава. Охрид и Струга како бисери на туризмот се жив доказ за тоа како секторот создава можности, отвора врати и гради кариери. Државното средно училиште „Ванчо Питошески“ од Охрид претставува регионален центар за стручно образование и обука чии основни дејности се формалното образование, образованието за возрасни, истражувањето, развојот и иновациите, вмрежувањето, како и меѓународната соработка и промоција. Во него се реализираат наставни планови и програми за образование на ученици од секторот туризам, и тоа: тригодишно образование (трето ниво) за квалификациите келнер и готвач, како и четврто ниво за угостителски техничар и хотелско-ресторантски техничар, угостителски техничар за рурален туризам и за хотелско-туристички техничар.Во состав на училиштето функционира и ученички дом, кој се состои од хотелски и од ресторантски дел со кујна, каде што учениците имаат бесплатно сместување, три оброци во текот на денот и 24-часовна воспитувачка и чуварска служба.
Во Регионалниот центар учениците имаат можност да се здобијат со знаења, вештини и способности преку современа настава и добро организирана практична обука, која се изведува и постојано се надградува во општи и специјализирани училници, кабинети и работилници опремени со најсовремена опрема и уреди.
Центарот е дел од проектот „Учиме од најдобрите“ од програмата „Еразмус“, која истовремено им овозможува и практична обука во некои од најреномираните хотелски компании во Италија, Шпанија, Португалија, Хрватска и во Словенија. Учениците од Регионалниот центар учествуваат на манифестации од различен карактер и постигнуваат големи успеси на натпревари од различни области, организирани на локално, регионално и на меѓународно ниво.
Сепак, мора да бидеме искрени – сведоци сме на еден предизвик со кој се соочуваме. И покрај големиот потенцијал, интересот на младите за запишување на струките од оваа дејност не е на посакуваното ниво. Токму затоа во фокусот на дводневните средби организирани во Регионалниот центар, на кои присуствуваа деветтоодделенците од овој регион, беа промоцијата и афирмацијата на овој прекрасен сектор. Целта на овие настани е да се претстават шаренилото и динамиката на угостителско-туристичката дејност, да се срушат стереотипите и да се промовираат успешни реални приказни на луѓе кои со љубов, труд и со знаење изградиле завидна кариера во овој сектор. Токму во тој дел голем придонес дадоа Тошо Чочороски, генерален менаџер на хотелот „Силекс“; Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ и сопственик на хотелот „Дрим“, како и еден поранешен ученик на овој центар со успешна кариера во еден од реномираните охридски ресторани.
Работодавците од овој сектор ја нагласуваат потребата од вработување стручно оспособен и компетентен кадар. Во голем дел од угостителските објекти, на разни работни места, работи кадар со несоодветно образование. Дополнителен проблем е и тоа што постојниот кадар ја напушта државата, што резултира со недостиг од работна сила за потребите на секторот. Според зборовите на директорот на училиштето, ваквата состојба може да се надмине само со законски измени и со воспоставување критериум барем 50 % од вработените во овој сектор да бидат со соодветна стручна спрема. Како што посочија и професорите од училиштето, во иднина се очекува достигнување на критериумите за извонредност, создавајќи кадар потребен за реалниот сектор, задоволни ученици збогатени со потребните знаења, компетенции и вештини, како и задоволен сектор, во кој тие ќе си го пронајдат своето место.