„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Блокадите на граничните премини ќе го блокираат протокот на стоки и ќе ги нарушат синџирите на снабдување

26.01.2026

| Актуелно

 Проблемот со примената на правилото од 90/180 дена за професионалните возачи во товарниот патен транспорт (евиденцијата на влез и излез на граничните премини согласно EES системот) треба исклучиво да се бара преку институциите, а не со блокади на граничните премини, за да не се случи колапс на целата економија во државата и регионот на Западен Балкан во целост, е ставот на Стопанската комора на Северна Македонија.  

Блокадите не може да бидат решение, бидејќи ако се наруши протокот на стоки на граничните премини со ЕУ, само еден ден, а не дури седум дена какви што се моменталните најави, губитници не се само транспортерите во меѓународниот патен сообраќај, туку сите деловни субјекти кои се влучени во надворешно трговската соработка. Засега никој не може да каже колкави ќе бидат загубите бидејќи тие ќе бидат по повеќе основи: пенали за задоцнета испорака, откажување на договори, намалено производство, нереализиран извоз, неможност за навремено производство ради недостаток на суровина итн, но сигурно е дека загубите ќе бидат од големи размери, што не е во ничиј интерес.    

Минатата недела СКСМ, заедно со коморите од Западен Балкан, упати заеднички апел до претседателката на Европската комисија во кое укажавме дека очекуваме земјите-членки да усвојат привремени мерки овозможувајќи им на професионалните возачи непречено да го вршат меѓународниот патен транспорт, сè додека не се воспостави трајно и системско решение. Ваквиот пристап би бил во заеднички интерес на Европската Унија и Западен Балкан и би претставувал јасен сигнал за веродостојна посветеност на интеграцијата на регионот и зачувувањето на функционирањето на синџирите на снабдувањe. Моменталниот пристап е неконзистентен со целите на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и тешко е да се усогласи со нашите заеднички напори за понатамошно интегрирање на економиите на регионот во Единствениот пазар на ЕУ. Економиите на Западен Балкан, како кандидати и на јасен пат кон членство во Европската Унија, целосно опкружени со границите на ЕУ, треба да имаат корист од поедноставена и диференцирана примена на режимот на ЕЕS, што ќе го одрази нивниот статус како партнери во пристапувањето и ќе обезбеди јасна разлика од другите трети земји.

На крај останува фактот дека Европската Унија е нашиот најважен извозен пазар, со над три четвртини од вкупниот извоз на земјата и затоа од наш стратешки интерес е да се одржи стабилноста на синџирите на снабдување и непречено да се одвива протокот на стоки.